Според годинашниот извештај на Европската федерација на обложувачи „Federbet“ во сезоната 2013/2014 наместени се 110 фудбалски натпревари, 6 тениски, два кошаркарски, па дури и еден одбојкарски натпревар.
На светската фудбалска мапа се наоѓаат земји од Канада па се до Кина, неколку наши соседи, потоа Италија, Франција, Англија, Португалија, а во табелите се набројани натпреварите со точни датуми, како и типовите на кои се вложени пари.
„Самите бројки зборуваат, но и лажат. Ние ги анализираме коефициентите пред и за време на секој меч. Тие се како акции на берза, имаат вредност која зависи од пазарот, а доколку вредноста се менува поради некои неспортски причини или не варира поради повреди или дисквалификувани играчи, тоа значи дека некој става големи суми на пари на некој меч“, објаснува генералниот секретар на Federbet, Франческо Баранка.
Најмногу натпревари се наместени во Велика Британија, вкупно 13, но во најниските лиги, а потоа следува проблематичната Италија со 9 меча, која и покрај мега скандалот Калчоскомесе кој беше откриен во 2011 година, никако да куртули од криминалните групи кои местат во сите италијански лиги.
Од местенките на чизмата има само еден меч од Серија А, а тоа е средбата Катанија – Аталанта која се играше во последното коло на 18 мај. Букмејкерите, како и надлежните од Federbet забележале огромни уплати на кец, 3+, и гол – гол.
Тој ден во кладилниците имало 10 пати повеќе уплати од вообичаоното, а само ќе ве потсетиме дека натпреварот заврши 2:1 за Катанија и тоа со гол од пенал во 92 минута со што се исполниле сите три прогнози.
Во извештајот има најразлични типови на игри на кои се вложувале пари. Мечот Бастија – Клермонт е наместен X-2, натпреварот од хрватската прва лига помеѓу Локомотива Загреб и Истра два во кец, а натпревар од Латвија кој завршил 2:10 во он-лајн кладилниците е товарен на 8+.
Покрај првенствените натпревари има и листа на наместени квалификациски мечеви за Лига на шампиони и Лига Европа како и пријателски. Меѓу нив е средбата помеѓу Левски и Лацио одиграна на 23 мај на која бугарскиот тим славеше 100 години од своето постоење. Мечот требало да заврши кец со 3+, а по негативата од 2:0 на полувреме, Левски направи целосен пресврт и победи со 3:2.
Целиот извештај тука