Ла Масија е позната по тоа што на првиот тим на Барселона ѝ подари неколку вонсериски фудбалери кои подоцна го збогатија трофејниот музеј на Камп Ноу. Тоа се должи на придржувањето до филозофијата сите категории и сите фудбалери на Барселона од мали да се навикнуваат на клупските правила и системот на игра 3-4-3, па кога ќе влезат во првиот тим да немаат проблем со привикнување.
Во тимот што сезонава ја освои триплетата по втор пат во историјата низ Ла Масија поминале: Лионел Меси, Серхио Бускетс, Педро, Марк Бартра, Серхи Роберто, Рафиња. Да не заборавиме на Виктор Валдез, Карлес Пујол, Чави Ернандез.
Сепак, каталонскиот новинар Цеск Томас во текстот за ЕСПН предупредува дека легендарната школа на Барса не ги исполнува очекувањата и тоа ја загрижува управата на Блауграна.
„Од 2008. година и појавата на Серхио Бускетс, сè уште не се појавил играч кој е редовен стартер во првиот тим. Бартра, Рафиња и Роберто се во првиот тим, но натпреварите најчесто ги гледаат од трибините, а ретко од клупите“, вели аналитичарот на ЕСПН, Томас.
Дека работите не одат на добро покажаа и резултатите на Барселона Б која испадна од Сегунда во третата шпанска лига и тоа како последен тим од 22 екипи. Барса Б имаше само 9 победи на 42 натпревари со дури 83 примени голови.
Ништо подобри не беа ниту младинците кои една година претходно освоија Лига на шампиони за играчи до 19 години, а сезонава завршија како четврти во лигата со дури 18 бодови зад градскиот ривал Еспањол.
Францеск Томас додава и дека претседателот на Барселона, Жорди Бартомеу за неуспехот најчесто го криви недостатокот на карактер кај младите играчи, но по негово мислење проблемот лежи на друго место. Томас го потенцира довчерашниот тренер Еузебио Саркистан кој самостојно го водеше Б тимот од 2011. година до февруари годинава кога доби отказ (претходно од 2003. до 2008. беше помошник).
Не местото на Саркистан дојде Жорди Вињалс, тренерот на помладите категории, но тој е привремено решение затоа што Барселона бара нов тренер кој ќе ја води екипата во третата лига.
На Саркистан му се замерува дека и покрај тоа што се придржувал до системот на Кројф (3-4-3), премногу бил дефанзивно настроен и поради тоа стагнирале неверојатните таленти Ел Хадади, Серхи Сампер, Адама Траоре, Ален Халиловиќ и Сандро Родригез. Покрај тоа, Барселона ја напуштија двајца фудбалери кои потекнуваат од Ла Масија. Мартин Монтоја е позајмен во Интер на една година, а Патрик потпиша 4-години со Лацио.
Барса Б сега чека нов тренер кој ќе се обиде да го врати стариот сјај на Ла Масија, чијшто дел е и нашиот Давид Бабунски.