Интервју со фудбалерот на Барселона Б

Давид Бабунски: Размислувам шпански, реагирам македонски

Најталентираниот македонски фудбалер во слободно време пишува книга, вежба јога и малку гледа спорт. За Офф.нет.мк раскажува каков е Меси приватно и како се пецкаат со брат му Дориан пред и после Ел Класико.

По години поминати во младинските категории, лани заигра за Б тимот на Барселона, а привремено тренираше и со првиот тим. Какво е чувството да се тренира покрај Меси, Чави, Иниеста, Бускетц?

ДБ: Едноставно тоа беше остварување на мојот сон. Излегуваш на тренинг и сфаќаш дека си покрај најдобрите. Фантастично чувство. Верувајте дека кога ќе влезеш во шева со нив, нема излегување. Се случуваше и по 20-30 минути да не можеш да им ја земеш топката. На моменти изгледа како на тренинг да даваат многу повеќе.

Можеш ли да го споредиш режимот на тренинзи таму и овде? Што недостасува кај нас?

ДБ: Често потенцирам дека нам ни е потребна инфраструктура, игралишта и квалитетни терени каде младите ќе можат да покажат што знаат. Тоа е основата за развој на секој потенцијален талент. Знаете, во Барса од најмлади до најстари сите имаат исти тренинзи, целосно исти. Што работат децата, работат и кадетите и младинците и сениорите, па така полесно се адаптираат оние кои влегуваат во составот.

Брат ти Дориан игра за младинците на Реал Мадрид. Има ли пецкања пред и после Ел Класико?

ДБ: Искрено има, но не претерано. Со колегите во екипата повеќе разговараме на таа тема и нема никаква пристрасност. Кога Реал е подобар, признаваме дека е подобар, нема што да се крие. Со Дориан се гледаме кога сме слободни, некогаш јас одам кај него, некогаш тој доаѓа, а има и периоди кога по месец-два не се гледаме поради обврските.

Тренираше со Пеп Гвардиола и со Луис Енрике. Кој ти остави поголем впечаток и кој е построг како тренер?

ДБ: Тоа што го направи Пеп со Барса, тешко дека ќе се повтори во блиска иднина. Толку трофеи се освоени, што тешко е да се избројат. А кога сме кај односот, можам да кажам дека Пеп е строг професионалец и со него се разговара само и само за фудбал. Енрике знае со секој одделно да позборува, обраќа повеќе внимание на секој играч во соблекувалната. Во секој случај и двајцата се од школата на Барса и знаат како да ја пренесат филозофијата на играта. Тврдам дека таа игра може само со човек од клубот, од куќата што би се рекло. Пример за тоа е и Тата Мартино, кој не успеа да се прилагоди на препознатливата игра.

Неодамна излезе информација според која преку 50 фудбалери од Ла Масиа играат во ТОП5 лигите во Европа. Може ли Барселона да ги задржува најталентираните фудбалери?

ДБ: Да, и јас слушнав за тој податок, но тоа е резултат на големата конкуренција овде. Има толку многу добри играчи и едноставно нема место за сите. Ќе го наведам само примерот со Мунир Ел Хадади. Почна во Жувенил Б, тоа е вториот тим на младинскиот состав. Даде неколку важни гола во младинската Лига на шампиони и кога првиот тим имаше неколку повредени играчи, решија да го викнат на припреми со клубот. Во само 2 месеци дебитираше за првата екипа и стана шпански репрезентативец. Кога разговарам со него, уште не му се верува што му се случило за така кратко време. Во фудбалот е како и во животот, преку ноќ сè се менува и не знаете што ве чека.

Каков е Лео Меси приватно?

ДБ: Ќе ви откријам дека кога ќе влезе во соблекувалните, толку е скромен и мирен, што не забележувате дека е тој. Тивко се спрема за тренинг, повлечен е, а кога ќе истрча тогаш сфаќате за кој станува збор. Според мене, Меси на тренинг дава 110% од себе, понекогаш и повеќе од натпреварите.

Кире Лазаров во една прилика зборуваше дека ракометарите на Барселона ја мерат килажата во клупските простории и не смее да имаат ни грам повеќе. Како е во фудбалскиот клуб?

ДБ: Слично е и во фудбалскиот колектив. Се мериме редовно, но самиот режим на исхрана не дозволува вагата да покаже повеќе од претходното мерење, така што нема проблем.

Израсна во Карпош 3, во домот на баба ти. Колку му се радуваш на Скопје и што ти фали најмногу кога си таму?

ДБ: Се радувам кога и дојдам во Македонија. Пред натпреварот со Словачка извесно време не бев во Скопје и сега конечно можам да се видам со сите роднини и пријатели. Кога се враќам во Барселона, багажот ми е полн со македонска храна, посебно со ајвар.


Наоѓа ли Давид доволно време да прошета по некој од ноќните клубови во Барселона?

ДБ: Да, но излегувам претежно по мирни места, каде се релаксирам по напорен ден. Обично тоа се кафулињата, каде на мир можам да испијам некој пијалак со друштвото.

Те препознаваат ли на улица?

ДБ: Не сум уште до тоа ниво. Се случува помлади да ми приоѓаат и да бараат да се сликаме или автограм.

Македонската фудбалска репрезентација сè повеќе се подмладува. Тука сте ти, Абдурахими, Ристовски, Адеми, Трајковски. Дали смената на генерација под Ѓуровски ќе помине безболно?

ДБ: Само ќе го посочам примерот со Белгија. Со години ги немаше никаде, не играа ни едно големо натпреварување и малку кој знаеше за нивниот репрезентативен фудбал. Сепак, го истрпеа целиот процес, успешно направија смена на генерација и гледате каде се сега. Нормално е дека нас ни треба некој од повозрасните поради искуство, но мислам дека сме на правиот пат. Потребно е време и тешко ни паѓа кога уште не излезени на теренот, од трибините викаат „дрва едни, кај ве најдоа“. Сите зборуваме за некој менталитет, па ајде да го смениме тој менталитет, да работиме на него.

Водиш проект Sky Self. За што точно станува збор?

ДБ: Се работи за платформа, во која се објавуваат теми чија цел е подигање на свеста на човекот. Таа платформа опфаќа повеќе теми како спорт, технологија, филозофија, екологија, нутрицизам. Тоа го правам со цел да се подигне глобалното размислување. Имам сајт Sky Self, на него пишувам на шпански и на англиски, а сега ќе почнам и на македонски. Уште од мал ме привлекуваа некои работи, па освен што играв фудбал, се интересирав и за некои општи прашања од типот кои сме ние, зошто сме овде, каква мисија имаме. Преку Sky Self сакам да споделам некои идеи, мислења, совети за наведените теми. Повеќе ставам видеа, затоа што луѓето сè повеќе ги мрзи да читаат. Во моментов пишувам книга, но не знам дали ќе ја објавам, затоа што е доста полемична. Не сум сигурен дека луѓето се спремни на такво нешто, затоа што зборувам за религија, за политика, за фармацевтските малверзации и сл.

Имаш ли некој посебен ритуал пред натпревар? Носиш ли некоја амајлија со себе?

ДБ: Немам, не размислувам во таа насока.

Договорот со Барселона Б ти истекува во 2016-та година. Што и како понатаму?

ДБ: Да бидам искрен, во последно време не играм стандардно и чекам да видам што ќе се случува понатаму. Фокусиран сум на клубот и би сакал да останам овде. Во моментов не знам дали има интерес од други клубови, за тоа е задолжен мојот шпански менаџер. Колку сум приврзан со Барса говори податокот дека сум втор играч со најмногу настапи за Барса Б во составот.

Muchas gracias, David, до првата следна прилика како првотимец на Барса.

ДБ: Благодарам, се надевам дека наскоро ќе го остварам и тој сон.