Македонската фудбалска репрезентација во моментов е четврта во групата Ц со 3 освоени бода од 4 натпревари. Нашите фудбалери следниот натпревар ќе го играат на 27-ми март следната година, против Белорусија во Скопје. До крајот играме против Шпанија и Украина дома и Луксембург и Словачка на гости.
По 4 одиграни кола, фаворитите само делумно ја оправдаа улогата. Холандија врза два порази по ред (од Чешка и од Исланд), по што селекторот Гус Хидинк, кој го замени Ван Гал по СП во Бразил изјави дека неговото останување на клупата на „лалињата“ зависи од натпреварот против Латвија. За негова среќа, Холандија славеше убедливо 6:0, по што го задржа второто место кое носи директен пласман на ЕП.
Лошо почна и светскиот првак Германија, кој во октомври загуби од Полска 2:0 во Варшава. Тоа беше прв пораз по 7 години за „панцерите“ во квалификациите. Со головите на Аркадиуш Милик и Себастијан Мила, Полска забележи историска победа против Германија. Само три дена подоцна, Германија едвај се избори за бод со Р. Ирска, 1:1 на Велтинс Арената во Гелзенкирхен.
Слаб старт на квалификациите имаше и Шпанија, актуелниот европски и поранешен светски првак. „Црвената фурија“ нè победи нас 5:1, но следуваше пораз од Словачка 2:1. и сега во нашата група Словаците се први со максимални 12 бодови од 4 натпревари.
Освен Англија, на добар пат до Франција преку тунелот Ла Манш се уште и Велс и Шкотска, кои се на делба на првото место во своите групи.
Сан Марино чекаше 61 натпревар да освои бод во едни квалификации, а тоа им тргна од рака во саботата против Естонија на домашен терен 0:0. Сличен подвиг имаа и Фарски Острови, кои ја шокираа Грција во Атина 0:1 со голот на Јоан Едмундсон и тоа беше најголема сензација во досегашниот тек од квалификациите. Еден од нашите типстери го погоди конечниот исход на овој натпревар и освои профит од 400 кредити.
За Фарските Острови (187-то место на ФИФА ранг листата) оваа победа не е прва во квалификациите, пред три години го победија Лихтенштајн, но е прва против поранешен европски првак и прва гостинска победа од 2001-та. По цели 47 години Австрија конечно ја победи Русија. Во неделата на стадионот „Пратер" во Виена, домаќините славеа 1:0.
- Пет селектори нема да дочекаат пролет на репрезентативните клупи. Откази добија Клаудио Раниери (Грција), Дик Адвокат (Србија), Атила Пинтер (Унгарија) и Пауло Бенто (Португалија) и Темури Кецбаја (Грузија);
- Нереди на трибините и на теренот ги одбележија дуелите Србија - Албанија, Италија - Хрватска и Романија - Унгарија;
- Највисока победа оствари Полска, против дебитантот Гибралтар 0:7 на гостински терен;
- Највеќе голови досега дадоа Дени Велбек и Омар Дамари. Англичанецот и Израелецот постигнаа по 5 гола;
- По 4 гола дадоа Гилфи Сигурдсон (Исланд), Роберт Левандовски и Томас Милер (Германија);
- За прв пат во историјата квалификации за ЕП се играат 6 дена по ред, од четврток до вторник;
- Најбрз хет-трик оствари Роби Кин од Р. Ирска, за 12 минути против Гибралтар;
- Се постигнаа вкупно 264 голови досега;
- Пласман на ЕП во Франција ќе обезбедат првите две селекции и најдобро пласираната трета селекција. Третопласираните ќе играат бараж меѓу себе.