Авантурата на Жозеп Мариа Бартомеу на чело на Барселона стигна до крајот. 57-годишниот претседател на славниот клуб после седум години одлучил да ја напушти претседателската фотеља.
Заедно со него оставка дале и членовите на претседателството на клубот и тоа по итна средба.
Бартомеу беше под жесток притисок од многу страни а летово нападите врз него кулминираа откако Лионел Меси, целосно незадоволен од состојбите во клубот објави дека сака да замине.
Во Барса веќе долго време ситуацијата не е како треба. Меѓу поголемите скандали кои ја следеа управата на Бартомеу се и оние дека плаќале тн. ботови да пишуваат против играчите и да ги критикуваат.
Првиот човек на кошаркарската Евролига беше во лоши односи со Меси, со Луис Суарез и со Жерар Пике, ветераните кои на Барса и донесоа еден куп пехари.
Оставката доаѓа веднаш по дебаклот во Ел класико со Реал Мадрид (1:3) на Камп Ноу, а во пресрет на големиот дуел со Јувентус во Торино во среда вечер.
Односите меѓу управата и играчите долго време беа катастрофални а први жртви на овој конфликт беа тренерот Кике Сетиен и спортскиот директор Ерик Абидал. Меси и Пике се бунеле и зошто клубот решава да не ги продолжи договорите со Артуро Видал и подоцна Луис Суарез.
Се очекува во најбрз можен рок да се распишат избори за нов претседател на Барселона а кандидатите да ги објават своите кандидатури.