Кривична пријава за Илчо Ѓорѓиоски и уште 25 лица за проневера од 2,4 милиони евра

За госпожа Олгица разбравме пред шест месеци, кога беше обелоденето дека со “плата“ од ФФМ купила кола за нејзе, сопругот и за синот кој студира во Италија, три пати годишно одела на одмор на скапи места, имала келнери на слава, а за матурска кај синот пеела Северина.

Ама срцката не била сама во “бизнисот“, туку управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави за вкупно 26 лица од кои 14 се физички, а 12 правни, а меѓу нив е и поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.

Се товарат за злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење во службата, проневера во службата, фалсификување или уништување на деловни книги, соизвршителство, помагање и продолжено кривично дело.

Сомнежот е дека проневериле 2,4 милиони евра во периодот од почеток на 2015-та до октомври 2019-та година.

Првоосомничена е поранешната раководителка за финансии и сметководство на ФФМ, Олгица Младеновска која на крајот на минатата година доби отказ откако изби скандалот.

За нејзе излезе дека извлекувала пари од федерацијата со допишување нули на фактурите по што водела луксузен живот.

Поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски е обвинет за несовесно вршење на службата со пропуштање на должен надзор и внимание во вршење на своите овластувања и должности со што и овозможил на Олгица Младеновска да ги прави сите финансиски малверзации.

Останатите се сопственици и управители на компании преку кои со огромен број на фиктивни фактури се испумпувале паричните средства.

Целото соопштение на управата за финансиска полиција тука, а реакција има и од претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

28 јули 2020 - 13:13