Непобедливата Шпанија врза три трофеи во низа, нешто што не му успеало на никој и тоа со доминантен фудбал, пресликан од најјаките денови на Барселона. Топка не можеше да им се земе.
Оваа репрезентација на квалификациите за ЕП 2024 ќе се претстави подмладена, со нов селектор и во ново руво, за прв пат без ниту еден играч од тој легендарен состав.
Последниот од нив кој и официјално стави крај на репрезентативната кариера е 36 годишниот Серхио Рамос, кој минатиот месец преку соопштение се огласи дека завршува откако новиот селектор Луис де ла Фунте му се јавил да му каже дека не планира да го повика.
Заминува како рекордер со 180 настапи, потоа 23 гола и три трофеи. Дебитираше на 18 години во 2005-та, а последните две години само фигурираше како репрезентативец.
Луис Енрике не го викаше во тим и последен настап ќе му остане квалификацискиот за Светско против Косово во 2021-ва, кога влезе како резерва.
Кусо време пред него се повлече и Серхио Бускетс како капитен на Мундијалот во Катар. Тој не го фати Европското 2008, но беше во тимот за другите два трофеи.
Заминува со 143 настапи со кои е на трето место зад Рамос и Касиљас и ќе остане запаметен по она легендарно трио заедно со Иниеста и Чави.
Незаборавниот тим на Шпанија серијата трофеи ја почна во Виена, каде се играше финалето на ЕП против Германија. Го реши Торес, а селектор им беше Луис Арагонез Суарез, кој почина во 2014-та.
Две години подоцна Шпанците во Јоханесбург се искачија на врвот на светот повторно со победа од 1:0. Стрелец Иниеста во 116-та минута. Селектор Висенте Дел Боске.
Доминантната низа ја потврдија со Дел Боске против Италија која ја декласираа со 4:0. Финалето на ЕП 2012 се играше во Киев, а стрелци беа Силва, Алба, Торес и Мата.