Нејмар е најфаулираниот играч на ова Светско со 23 прекршоци над него, но и фудбалер кој најмногу и најдолго симулира и се витка како да го тепале со шипка.
На досегашните четири средби на Бразил тој одлежал на терен дури 13 минути и 50 секунди. Само против Мексико во осминафинале, мечот поради неговите театрални падови и глумења бил во прекин 5 минути и 29 секунди.
„Изгубивме многу време од играта поради еден играч, заради кој судијата премногу често ја прекинуваше играта за лажни грешки. Тоа е лош пример за светот и за сите деца што ја гледаат ова игра“, изјави селекторот на Мексико по средбата со Бразил.
Скоро 2 минути лежеше кога Мигел Лајун го стапна на нога во 71 минута. Во групна фаза лежел 1 минута и 56 секунди против Србија и 3 минути и 40 секунди против Швајцарија.
Веб страната страна fivethirtyeight.com ги анализирала сите прекини на првите 32 средби од Светското првенство и направила пресметка дека дополнителното судиско продолжение не го компензира доволно вистинското губење на времето.
Од тие 32 натпревари само на мечот Германија - Шведска имало дополнително време адекватно на должината на прекините. Во просек судиите продолжувале по 6 минути и 59 секунди, иако тоа требало да изнесува просечно по 13 минути и 10 секунди.
Повредите сепак не се покажале како прекини кои најмногу го трошеле времето, туку слободните удари кои во просек по натпревар одземале по 10 минути.
Некои експерти пред да се воведе новата технологија ВАР ја критикуваа со образложение дека многу ќе ја успорува играта, а сепак со неа на ова Светско се губат по просечни 30 секунди по натпревар.
Кога се ќе се сумира, топката на Мундијалот во Русија е во игра во просек 55 од вкупно 97 минути кои се играат.