Колку влијаат головите на Меси и Роналдо во освојувањето на бодови

Во пресрет на утрешното Ел Класико, јасно беше дека ќе се појави некаква паралела помеѓу најдобрите двајца кои секогаш се во фокусот на вниманието. Од што толку често се зборува за нив, веќе почна да не копка, за кои Меси и Роналдо ќе пишуваме кога овие двајца ќе одат во пензија.

На 18 ноември напишавме текст со наслов „На Роналдо нема да му се допадна бројки“, а поентата на содржината беше дека сезонава во однос на претходните две години, тој статистички заостанува во клучни пасови, асистенции, голови, а троши и повеќе топки.

Од тогаш поминаа две кола и работите драстично се променија. Роналдо со хет-трик го реши градското дерби, а потоа му даде два гола на Спортинг Хихон. Тоа се 5 гола на два меча за две победи на Реал, но и вкупно 10 гола на Португалецот кој во моментов е најдобар стрелец во Ла Лига со гол пред Меси.

И сега одиме на тоа што е најново. Откако Зинедин Зидан е тренер на Реал Мадрид, статистиката покажува дека Кристијано Роналдо со својот голгетерски учинок му донел повеќе бодови на Реал Мадрид, отколку Меси на Барселона.

На последните 39 меча Роналдо постигнал 38 голови и со нив на Реал му донел 22 бода. Меси на 45 средби постигнал 47 голови, но за Барселона тие донеле 18 бодови. Од тоа произлегува дека секој гол на Роналдо вреди во просек по 0,57 бодови, а на Меси 0.38.

2016-та според фактите е година на Роналдо кој освен што му носи повеќе победи на Реал од Меси на Барселона, го постигна клучниот пенал во финалето од ЛШ против Атлетико и го освои трофејот на ЕП 2016.

Ниту еден друг играч во Шпанија не постигнува толку често голови како него.

До толку стана важна и епска нивната споредба што постои и сајт.

2 декември 2016 - 15:36