Натан Елингтон е поранешен играч од Премиер лигата кој меѓу другите клубови настапуваше за Виган, ВБА, Дерби и Ватфорд. Тој го прифатил исламот уште како млад, а решил да ги следи рамазанските пости и кога му паѓаат за време на сезоната.
Зборува за притисоците во кариерата од тренерите кои му ја намалиле минутажата затоа што одлучил да и служи на верата со гладување кое таа го бара од него.
Некои играчи одбираат да не постат додека трае сезоната. Како е правилно?
Секој здрав и возрасен Муслиман треба и мора да пости, но ако патува тогаш може тоа да го помести за друг ден. Ако некој играч одбере да не пости во тој период, тогаш има цела година за да го направи тоа.
Дали би имало критики од припадниците на муслиманската заедница ако некој играч одлучи да го одложи постот?
Единствениот начин на кој тоа може да претставува проблем е ако играчот игра во својот град. Тоа значи дека не патува, па затоа тука не може да има ослободување.
Дали некогаш си имал притисок од страна на некој тренер да не постиш кога се играат натпревари?
Да. Имав тренер кој ми кажа дека нема да играм бидејќи во тоа време постев. Ми рече дека тоа ќе влијае на мојата физичка подготвеност, способност за игра и ниво на енергија. Имало случаи кога сум постел без да им кажам во клубот. Факт е дека нема да знаете или нема да забележите дека има разлика. Кога играв во Грција, еден од играчите се шегуваше со мене дека треба да постам постојано, бидејќи тогаш сум играл подобро. Тоа е сепак начин на размислување. Никогаш не сум имал проблем со играње фудбал за време на Рамазан. Ако почнете да чувствувате вртоглавица тогаш ок, мора да јадете.
Дали е фер тренерот да не те стави во игра додека постиш?
Мислам дека не е фер во мојот случај. Како што реков, имало случаи кога сум постел без да знаат во клубот и никој не забележа. Им го кажав тоа отпосле. Можам да го разберам тренерот кој мисли дека тоа ќе влијае на играта, не го обвинувам за тоа, но мислам дека треба да разбере дека секој е различен и дека секој може да се справи со различни нешта.
Како всушност го планираш денот кога постиш?
Се осигурувам дека имам внесено многу храна кога дава енергија за време на појадокот, како банани и многу течности. Проблемот е да се повратиш после тоа, а тоа трае малку подолго. Тогаш морам да одам дома да се наспијам после натпреварите за да можам подоцна пак да јадам. Играчите мора добро да си го менаџираат спиењето бидејќи по правило се јаде во 3:15 по полноќ и потоа не се јаде до 21:30.
Дали сметаш дека тоа што си Муслиман влијае на твојата кариера?
Да. Го прифатив Исламот кога имав 23 години, на врвот на мојата кариера. Во тоа време се случи 11 септември и не беше баш најдобро време да се биде Муслиман. Мислам дека моето прифаќање на Исламот одигра негативна улога во мојата кариера. Никогаш не се повредував и секогаш бев најдобар стрелец во секоја сезона, но кога станав Муслиман, не ја добивав истата минутажа, а тоа влијаеше на мојата форма и сè останато. Тешко беше. Ако никој не зборува за некој проблем, тогаш тој е тежок за решавање. Затоа формиравме Здружение на муслимански фудбалери. Ние сме група за поддршка која сака да помогне во поврзувањето на луѓето, како и да им помогнеме на луѓето да ја разберат повеќе нашата вера. Сакаме да покажеме дека може да се практикува верата и истовремено да се биде успешен фудбалер.