Кој е Грузиецот во кој се вљуби Неапол и брзо заборави на капитенот Инсиње

Со три прекрасни гола и една асистенција на првите два натпревари од новата езона, Хвича Кварацхелија направи тифозите на Наполи брзо да најдат нов љубимец со кого ќе сонуваат нова одлична сезона и борба за скудето.

Хвича Кварацхелија е херој на Наполи и нов јунак на италијанската Серија А. Има само 21 година (роден на 21 февруари 2001-ва), а веќе е главна ѕвезда во градот под Везув.

„Сан Паоло“, стадионот кој неодамна беше преименуван во „Диего Армандо Марадона“ е место на кое играле великани како големиот Диего, па Лавеци, Кавани, Инсиње, Хамшик и други ѕвезди. Сега таму танцува нова симпатија на неаполската тифозерија.

Хвича кариерата ја започнал во трофејниот Динамо Тбилиси во неговиот роден град. Но после само четири настапи веќе не добил шанса и отишол да игра во клубот Рустави од каде во 2019-та се сели во далеку посериозниот Локомотив Москва.

Од главниот град на Русија прави трансфер во Рубин Казан на 6 јули 2019-та и токму во оваа средина ќе ја потврди својата класа со неколку маестрални партии. Но воениот конфликт меѓу Русија и Украина влијаел и на неговиот пат затоа што руските клубови беа санкционирани од УЕФА и не играат во еврокупови, па Хвича трпеливо решил да се врати во својата татковина и да чека шанса за нов голем предизик.

И дочека...

Наполи, како и многу други спортски колективи, ја искористи ситуацијата со спортистите кои по започнувањето на воениот конфликт меѓу Русија и Украина, имаа одврзани раце да бираат нова средина, иако Хвича Кварацхелија по заобиколен пат стигна до Југот на Италија.

Хвича блескаше уште како играч на руски Рубин Казањ но по избивањето на воениот конфликт во Украина, тој ја искористи можноста на кратко да се врати во татковината, во клубот Динамо Батуми кој за него одвои многу сериозна сума од 8 милиони евра а после го продаде во Наполи за 10 милиони евра и плус бонуси.

Во Динамо Батуми во родната Грузија постигнал 8 гола на 11 натпревари во краток временски период. Поради неговото враќање во Грузија, модерниот и нов стадион на Динамо Батуми бил полн секој натпревар, имало во просек по 20.000 гледачи (секој деветти жител на градот).

Батуми е втор град по големина во Грузија (околу 172.000 жители), излегува на Црно море, а познат е и како „црноморски Лас Вегас“ поради големиот број казина и обложувалници.

ХВИЧА ОД СТАРТ СЕ ПРОСЛАВИ ВО ИТАЛИЈА

Лидерот на репрезентацијата на Грузија и човек кој на нашата фудбалска репрезентација неколку пати ѝ ги загорчил натпреварите а богами и на Бугарите во иста група од Лига Нации, младиот Хвича Кварацхелија во минатото коло во триумфот 2:5 во Верона постигна гол и имаше асистенција.

А во неделата постигна два фантастични погодоци во победата над Монца од 4:0.

Првиот гол за Наполи, против Верона на гости го прослави како големата НБА суѕперѕвезда Стеф Кари.

Хвича со вкупно 3 гола е најдобар стрелец во Серија А во моментов после првите две кола. Повеќе не дал никој а два гола имаат само уште неговиот соиграч Виктор Осимен, Анте Ребиќ од Милан и Душан Влаховиќ од Јувентус кој својот втор меч го игра во понеделник.

Кварацхелија е само четврт играч на Наполи од 2010-та кој дал гол на првите два меча од нова сезона. Претходно тоа им успеало само на Единсон Кавани (2010), Хозе Каљехон (2013) и Лоренцо Тонели (2017).

„Тој има добри навики, прав професионалец е и славен дечко. Многу е добар во играта еден на еден. Знае каде е голот, шутира со двете нозе. Секако треба да се опушти. Во првите десет минути имаше проблеми, чувствуваше голем притисок. Тој знае дека мора да ја задоволи целата неаполска јавност. И сјајно е што постигна голови на два меча по ред“, го испофали својот нов миленик тренерот Лучано Спалети.

За да се сфати за каков играч станува збор, потребно е да се погледне видеово:

 

22 август 2022 - 10:24