Гледачите на трибините на стадионот „Виџорито“ во градчето Беневенто (50 километри од Неапол, 110.000 жители) не веруваа кога Брињоли израмни на 2-2 о 95’ минута и им го подари првиот историски бод во Серија А после очајните 14 порази по ред.
„Уште не сум свесен. Слушнав како некој ми вика ’излези, излези’, па отидов во шеснаесетникот, скокнав и ги затворив очите. Инстиктивно реагирав, се исправив голмански не како напаѓач“, емотивно раскажал Брињоли после мечот со Милан.
Емотициите уште го држат и после 24 по средбата. Во разговор за Радио105 открил: „15 секунди пред да дадам гол, замислив се како на Плејстејшн. На Инстаграм синоќа од 5.000 следбеници стигнав до 31.000! Луда работа! Голман сум, работам многу за да напредувам а после славата ми доаѓа по даден гол! Играч сум на Јувентус, би сакал да играм таму, но на добар пат сум“.
ИДОЛ МУ БИЛ ПАНТАНИ
Незаборавен ден за Алберто Брињоли чие име малкумина ќе го заборават. А најмногу навивачите на Милан кои по скокот на голманот како да се помирија дека ни сезонава тимот нема да најде место во Лига на шампиони.
Брињоли од мал бил вљубен само во бициклизам, а фудбалот не го интересирал. Роден е во 1991 година во Трескоре Балнеарио (провинција на Бергамо), а од мал многу го сакал неговиот идол легендарниот бициклист Марко Пантани.
Но во 1999 година откако победникот на Тур де Франс го суспендираа поради допинг, малиот Алберто полека ги напуштал реакциите за овој спорт.
Тогаш решил да му се посвети на фудбалот и тоа на наговор на татко му Пјеранџело, поранешен голман во Серија Ц за екипите Фанфула и Терамо. Брињоли првпат облекол ракавици и застанал меѓу стативите во Сан Паоло д’Аргон, мало местенце близу Бергамо.
Таму го забележал Марино Марџин, некогашен играч на Аталанта, Јувентус и Верона. Марџин видел дека малиот има чувство за простор и храбар е, па го однел во Сарнико, една од најпознатите младински школи во областа Ломбардија.
ДЕБИ ВО ЧЕТВРТА ЛИГА
Во сезоната 2009/2019 за ’Брињо’ стигнала првата голема шанса: Фудбалскиот клуб Монтекјари од Серија Д. Со составот од Ломбарија успеал да обезбеди промоција во тогашната Втора Дивизија на Лега Про пред да замине во Лумецане а потоа и во Тернана каде можел да ги покаже квалитетите во солидната Серија Б.
А таму, во Умбрија цели три сезони бил прв голман, бранел стандардно и го номинирале за најдобар голман во првенството. Толку требало Јувентус да се јави во Тернана и да даде 250.000 евра за него плус половина од договорот на дефанзивецот Алберто Мази чијашто вредност била проценета на 1,5 милиони евра.
Сонот му се оставрил. Стигнал во Торино каде меѓу првите го пречекал Џиџи Буфон. Очекувано, „Старата дама“ го пратила на неколку позајмици. Марота го пуштил прво во Сампдорија каде Брињоли дебитирал во Серија А токму против Јувентус во Торино на 14. мај 2016-та.
Истото лето Марота решава да го прати во Леганес, но голманот во Шпанија не наоѓа простор, не брани воопшто и решава да се врати во Италија - дестинација Перуџа.
Кариерата на Брињоли почнува да добива смисла кога Јуве го позајмува во Беневенто, дебититантот во Серија А. Но осум кола Алберто седел на клупата се додека после осмото коло не му го земал местото на Белеч и се зацементирал на голот.
Се прослави со голот против Милан, само трет гол од голман постигнат во Серија А.ж
КАКО ГО ПРОСЛАВИЛ ГОЛОТ?
Денес и во наредните недели неговото име ќе се појавува на многу насловни страни ширум светот. А тој скромен, ќе возел неколку километри со точак низ Бергамо. Во меѓувреме ќе пушта и музика, негова трета страст е да биде диџеј.