Како стигнал до репрезентацијата?
Уште во февруари годинава, во медиумите се појави информација дека претседателот на Торино, Урбано Каиро планира да се раздели со Џампјеро Вентура поради лошите резултати на „Граната“ во сезоната 2015/16. Од тогаш сите новинари се заинтересираа за идниот селектор на Nazionale, наследник на Конте.
Најверојатно сам им се наметнувал и Вентура кој бил во потрага за ново работно место. На почетокот тоа беше како шега во Италија, но ако го сменил Антонио Конте во Бари, зошто да не го смени и во репрезентацијата?
Во еден момент после неколку месеци, Вентура застана пред новинарите и рече: „Би ми била огромна чест“. Овие зборови стигнале до Карло Тавекио кој веќе знаеше дека Конте не сака да го обнови договорот без оглед на резултатите на Италија на Европското 2016.
Во следните неколку месеци, претседателот на FIGC (италијанската фудбалска федерација) бираше меѓу Вентура и другите кандидати - Виненчо Монтела, Роберто Донадони, Џани Де Бјази, Алберто Ѕакерони, Фабио Капело, Луиџи Ди Бјаџо, Џиџи Дел Нери итн.
Некои од нив одбија а другите бараа премногу пари. Тавекио ги собрал сите членови на Одборот на сојузот и сите кренале рака за Вентура. Одлучувачки фактор во корист на поранешниот тренер на Торино била поддршката на Марчело Липи кој требаше да ја преземе должноста технички директор на репрезентацијата.
Меѓутоа освојувачот на Мундијалот 2006. година не се врати во Коверчано поради конфликт на интереси, затоа што неговиот син е познат фудбалски агент во Италија.
По што е познат Џампјеро Вентура?
Неговиот најголем подвиг во кариерата била титулата шампион во Серија Ц1 како тренер на Лече пред 20 години. Не се смејте - до доаѓањето во репрезентацијата, Енцо Берцот не освоил ама баш ништо.
Џампјеро Вентура има неколку предности благодарение на кои е именуван за commissario tecnico.
Прво - големо искуство. Вентура станал тренер уште во 1976. година на возраст од 28 години кога бил приморан да се повлече од активното играње фудбал поради сериозна повреда на ’рбетот. Второ - способноста да фрла млади играчи во оган.
Доволно е да споменеме еден од најталентираните италијански фудбалери во последните години кој никаде на заигра како треба, освен кај Вентура. Зборуваме за Алесио Черчи, кој блесна во полн сјај под водство на симпатичниот чичко Џампјеро во Пиза.
Подоцна во Торино пак се дружеа, а Вентура му ја смени неговата улога од крило на втор напаѓач (од ala на seconda punta). Тоа беше неверојатен изум, Черчи стана еден од најдобрите играчи во Серија А и Торо го продаде во Атлетико за големи пари.
Во последните 40 години во Италија немало многу вакви примери за неверојатен развој кај некој тренер како кај Вентура. Чиро Имобиле ја освои титулата најдобар стрелец, Матео Дармијан го споредуваа со Паоло Малдини и потпиша со Манчестер Јунајтед, Андреа Ранокија од Бари го споредуваа со Неста, Леонардо Бонучи стана командант на одбраната на Италија и Јувентус, во Верона Вентура го откри Леандро Греко, во Венеција Паоло Ваноли, во Каљари Фабијан О’Нил и Кристијано Занети.
Каква е тактичката поставеност на Вентура?
Во последните неколку години, Џампјеро Вентура користел формација со тројца стопери. Тоа е модул 3-5-2 со кој Вентура го започна циклусот квалификации за Светско 2018 и со кој веројатно ќе игра на „Градски“ во Скопје. Шемата 4-3-3 му е алтернативна варијанта која што ја пробувал како тренер на Бари на времето.
Преминот од 3-5-2 на 3-3-4 е поради крилата и во тој случај изгледа како Италија да напаѓа со четворица играчи во офанзива. Во денешната „Сквадра Аѕура“ функциијата главна улога му е поверена на Антонио Кандрева. Примарниот извор на оваа идеа во репрезентацијата е од Чезаре Малдини, кој на Светското 1998 година го играше ова со Франциско Чичо Мореиро.
На „Филип Втори“ во недела (20:45) може да видиме уште една одлика на Џампјеро Вентура - неговите тимови играат со два шпица кои се многу блиску еден до друг. Концептот на Антонио Конте за „голем и мал“ шпиц со спуштање топка до понискиот центарфор. За тоа го имаат Едер и не се грижат за во иднина.
Присуството на плејмејкер (regista) е незадолжителен кај селекторот на Италија. На таа позиција може да игра и фудбалер со чисто одбранбени задачи како што беше во Торино. Одговорност на таков плејмејкер кај Вентура ја презема Лео Бонучи кој знае да ја изнесува топката.
Што би можело да му направи проблем во репрезентацијата на Италија?
Пред се недостигот на харизма која што ја имаше Конте, иако ретко кој е способен да се носи во тоа со тренерот на Челси. Вентура не става психолошки товар врз играчите - во соблекувалната не летаат шишиња со вода и копачки и од вратата не се слуша закани со насилство. На Аѕруите успех со таков начин им носеа Берцот и Марчело Липи.
Поддржувачите на либералниот пристап каков што е zio (чичко Вентура) се соочуваат со ист проблем - оваа генерација мора да се одвои од Фејсбук и да направи нешто големо за својата земја. На ЕП 2016 Конте направи ремек-дело, благодарение на авторитарните методи на водење на групата. На Вентура може да му помогнат помошниците и луѓето од сојузот кои се должни да ги држат играчите до „сите за еден - еден за сите“.
Уште еден недостаток на Вентура - тој не умее ефективно да игра висок пресинг. Сите негови екипи играле мошне повлечено, посреќни да го имаат противникот на својата половина отколку да бркаат напред.
Оваа формација 3-5-2 која што ја игра Вентура е слична на традиционалниот италијански модел кој се користел во калчото пред револуцијата во ’80-те години. Поради тоа, слично на Конте најголемо внимание се води на страничните играчи. Единствена разлика е што Конте ги преобразува екипите, а Вентура играчите. Главниот пробел е во тоа што ретро верзијата на 3-5-2 бара поголемо присуство во средината на играчи со висок креативен потенцијал. А таков фудбалер во Италија денес нема - Рики Сапонара на време не премина во голем клуб.
Што може да му помогне во репрезентацијата на Италија?
Џампјеро Вентура го гради тимот врз основа на учинокот на играчите. Тоа е ретка карактеристика на италијанските тренери. Сите се правдаат дека имаат премалку време да се навикнат на нови лица во групата. Затоа Џакомо Бонавентура од Милан не можеше да го убеди Конте. Бонавентура не е ниту крило, ниту играч од средината, ниту треквартиста.
Од друга страна Вентура лесно ќе му најде место на теренот и ако треба за него ќе ја преобликува целата формација.
Селектората функција е врв на кариерата на Вентура. Тој сонувал за ова назанчување цел живот и сигурно не би ја користел репрезентацијата како отскочна даска за потпишување договор со некој европски топ-клуб. Со секоја почит за Конте, Вентура изјави дека нема да го копира моделот на неговиот претходик.
Наместо тоа, Вентура ќе го следи примерот на Масимилијано Алегри во Јувентус кој во првите месеци во Торино полека го менуваше стилот на неговиот претходик. Со текот на времето им даде креативна слобода на индивидуалците кои знаат со топка. Ова за малку не заврши со триумф во Берлин.
Џампјеро Вентура е мирен, спокоен, флегматичен човек. Новинарите му го дадоа прекарот Мистер Страст затоа што после една конференција во Бари изјавил дека тренингот за него значи секусално задоволство. За некои други колеги тоа е бескрајна мака.
Во своите 68 години Вентура продолжува да ужива во животот - летово во Бари се ожени за 40-годишна жена. Се однесува како мачо мен - цела година има црн тен, широка насмевка и откопчана кошула. Поради тоа многу грешат кога викаат дека Италија ја води стар човек. Иако нема поголема чест од тоа како селектор на Италија да те викаат Il Vecchio (Стариот).
На дебито на клупата на Италија загуби од Франција 1-3 на пријателска. Во вториот меч го победи Израел 1-3 во квалификациите за Светското првенство. Во третиот, во недела ќе го видиме на „Филип Втори Арената“ во Скопје.