Според договорот кој нераѕурите го имаат со овој гигант, Pirelli е должен да му плаќа на клубот 10,5 милиони евра по сезона, но сумата пораснала благодарение на изборениот пласман во Лига на шампиони.
Меѓу клубовите во Серија А Интер има петти најбогат договор со генералниот спонзор (без бонуси). Повеќе заработувааат: Сасуоло (18 милиони годишно, претседателот Џорџо Сквинци сам го спонзорира својот клуб), Јувентус (17 милиони евра од Jeep), Милан и Рома (по 14 милиони евра од Emirates и Qatar Airways & Hyundai).
Како што неодамна пишуваше Gazzetta dello Sport, управата на Интер не е задоволна од сумата која ја добива, така што најверојатно нема да го продолжи договорот со производителот на автомобилски гуми Pirelli (петти на свет по обем на продажба на гуми) кој истекува на лето 2021 година.
Извршниот директор во клубот, Алесандро Антонело рекол дека водат преговори за соработка со нов генерален спонзор, односно со кинеската развојна компанија Evergrande.
За рекламирање на своите електрични автомобили Henga Hengchi, Evergrande е спремен да му плати на Интер астрономски 100 милиони евра во текот на четири години.
Интер во последните пет сезони од договорот со Pirelli заработил: 14, 1 милион евра во 2014/2015, 17,7 во 2015/2016, 9,2 во 2016/2017, 16,3 во 2017/2018 и 19,1 во 2018/2019.
ИНТЕР И PIRELLI СЕ РЕКОРДЕРИ ВО ЕВРОПСКИОТ ФУДБАЛ
Еден од CEO-та на Интер, Мајкл Болингброук во 2014 година изјавил дека клубот ќе разгледува други понуди за спонзорство.
„Заедно сме веќе 20 години. Колку што јас знам, ова е најдолга соработка меѓу спонзор и клуб во историјата на фудбалот. Дури и Ливерпул и Carslsberg не траеа толку. Делува невозможно да го замислиме Интер без Pirelli, но се има свој почеток и крај“.
И покрај оваа изјава, во 2016 го продолжија договорот на уште 5 години.
Натписот Pirelli стои на дресовите на Интер уште од пред 24 години. Во 1995 година новиот претседател на клубот, Масимо Морати кој потпишал договор за спонзорство со Pirelli наместо со локалната индустрија Cesare Fiorucci.
Наскоро газдите на Pirelli откупиле 16% од акциите на клубот и станале косопственици на Интер. Иако денес во управата на миланскиот клуб нема нивни претставници затоа што Морати во 2006 година ги купи мнозинството акции, а во 2016 година Pirelli ги продаде преостанатите 0,5% акции, но остана генерален спонзор.
ПЈЕТРО ПИРЕЛИ БИЛ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МИЛАН И ЧОВЕК КОЈ ГО ГРАДЕЛ САН СИРО
Презимето Пирели првпат се појавува во италијанскиот фудбал на почетокот на ХХ век. Пјеро Пирели, синот на основачот на компанијата Џовани Батиста, бил еден од основачите на Милан, а во 1909 година на 28 години станал претседател на клубот.
Го водел Милан до 1929 година после што отишол како доброволец на фронт во големата војна.
Но Милан немал добри резултати под водство на Пјеро Пирели. Со него Милан првпат добил професионален тренер - Фреди Опенхајм, но тимот освоил само еден трофеј и тоа Федералниот Куп 195/1916.
Пјеро Пирели се памети како човек со чии пари бил изграден храмот на фудбалот „Сан Сиро“.
Бројот на навивачи растел после Првата светска војна и стадионот „Булевар Ломбардија), на кој имало една трибина бил мал за сите. Пирели тогаш вложил 5 милиони лири (нешто околу 1,8 милиони евра денес) и за 1 година бил изграден стадион со 4 трибини кој собирал 35.000 луѓе.
„Сан Сиро“ му припаѓал на Милан до 1935 година а потоа бил продаден на градот Милано, а во 1947 година домашни натпревари тука почнал да игра и Интер.
Пирели го напуштил Милан со цел да се посветат на семејната компанија. Под водство на Пјеро, Pirelli станала прва италијанска компанија чии акции се појавиле на фамозната берза во Њујорк.
По смртта на татко му во 1932 година Пјеро станал претседател на Pirelli.
РЕКЛАМАТА СО РОНАЛДО ЗА PIRELLI СТАНА КОНТРОВЕРЗНА
Во 1997 година Интер го купи најдобриот фудбалер на светот, Бразилецот Роналдо од Барселона. После една година, за време на Светското првенство 98 во Франција, луѓето од Pirelli решија да ја искористат популарноста на Рони и да снимат реклама со него.
Но оваа реклама предизвика реакции во Италија, затоа што на крајот од рекламата Роналдо ги крева рацете во вис додека слави еден гол, а го споредуваат со статуата на Исус Христос во Рио де Жанеиро.
Католичката црква ја критикувала оваа реклама, затоа што не им се допаднала споредбата на Роналдо со Господ Бог.
ИНТЕР Е НАЈПОЗНАТ НО НЕ И ЕДИНСТВЕН ПАРТНЕР НА PIRELLI
Покрај тоа што му е спонзор на Интер, овој гигант работи и на пазарот во Јужна Америка каде го спонзорирал Палмеирас во сезоната 2003/2004, Пењарол (2003-2008) и Велес Сарсфилд (2006-2006).
Во дресови со овој спонзор на градите играл и клубот Валета од Малта.
Во 2005 година Pirelli стана спонзор и на стадионот на англискиот малку познат клуб Бартон Албион - Pirelli Stadium. Од 2009 до 2010 Pirelli бил главен спонзор на кинеската Супер лига, а од 2011 до 2013 и на Купот на Русија.
Најновиот дрес Интер заедно со спонзорот Nike му го посветија на спонзорот Pirelli - дресот е црно-жолт (фото горе) во чест на боите на овој гигант за производство на гуми. Во сезоната 1997/1998 Интер го освои УЕФА Купот во фамозниот дрес со хоризонтални траки и натписот Pirelli.
На социјалните мрежи навивачите коментираат дека не би сакале Интер да ја прекине оваа убава и носталгична врска со главниот спонзор. Pirelli стана препознатлив по натписот на дресот на Интер.
„Интер без Pirelli би бил како лице без нос“, „Pirelli е наш препознатлив знак, сите во светот знаат дека тоа стои на дресот на Интер кога го гледаат нивното лого“ - се само дел од реакциите на тифозите на лидерот во Серија А кој има 6/6 од стартот на сезоната.
Pirelli е дел од идентитетот на клубот и кога ќе го нема ќе изгледа како да го снема називот Енфилд од Ливерпул или Сан Сиро од Милан.