На 17 октомври 2007 година репрезентацијата на Русија на „Лужники“ ја победи Англија со 2-1 и освои драгоцени бодови во борбата за пласман на Европско 2008. Со триумфот Русите им избегаа 2 бода на Англичаните. Неприкосновен лидер во групата беше Хрватска па Англија и Русија се бореа за второто место.
Русите имаа сè што им треба. Требаше да победат во последните две кола против Израел и Андора за сигурно да бидат втори, пред Англија.
После еден месец „Зборнаја“ на стадионот „Рамат Гане“ му гостуваа на Израел. Сите мислеа дека по историската победа против Англија, Русите предводени од Гус Хидинк веќе ништо нема да ги сопре. Но Израел не мислеше така и ги шокираше со 2-1.
Во соблекувалната на Русија тогаш молчеле Мутко, Абрамович и Хидинк. Ден-два после тој дебакл на Русите, се дознало дека британскиот милијардер Фреди Дон пред мечот ветил Мерцедес вреден 100.000 евра на тој што ќе им даде победнички гол на Русите.
Израелската федерација го одбила предлогот, но шпицот Омер Голан не мислел така, го земал автомобилот, го продал и парите ги поделил со соиграчите.
Брзо стигна одговор од Москва. Милијардерот и сопственик на Спартак Москва, Леонид Федун изјавил: „Ако Хрватите во последното коло ја победат Англија, јас ќе и подарам на репрезентацијата три Мерцедеси а на Стипе Плетикоса ќе му го дадам четвртиот.“
УЕФА се противела: „Ако освен спортска мотивација и желба за победа се појават други дополнителни мотиви од трета страна, тоа се класификува како поткуп.“
***
Во последното коло Хрватите го имаа забетонирано првото место и имаа карта за Европско. На преполниот „Вембли“ дојдоа туристички. Од друга страна екипата на Мекларен играше „на живот или смрт“ затоа што само победа ги носеше на Евро.
Јавноста била сигурна во три бода затоа што Хрватска дошла со обезбеден пласман. Навивачите дури и го убедиле премиерот на Велика Британија Гордон Браун да не доаѓа на мечот (репрезентацијата на Англија ги изгубила сите средби на кои тој присуствувал). Но ништо не можеле со типичното англиско време:
Над „Вембли“ истурал дожд, прекрасниот тревник се претворил во кал. На пар часа пред мечот The Sun напишал: „Билиќ ја држи екипата во карантин. Меѓу играчите имало инфекција“. Селекторот на Хрватска не ја потврдил информацијата.
Паралелно со тој меч, Русија играше против Андора но тој дуел во земјата не го интересирал баш никој. Сите ја гледале Англија - Хрватска на друг канал и верувале во чудо. Русите одат на Европско само со победа против Андора и пораз на Англија.
Мечот на „Вембли“ почна жестоко - Стипе Плетикоса одбрани шут со глава на Џо Кол и тоа беше најава за силна офанзива на Англичаните.
Но после неколку минути хрватскиот бисер Нико Крањчар ја прими топката н 30 метри, распали силно а новиот англиски голман Скот Карсон буквално сам си ја стави топката во гол. Пробаа домаќините брзо да се вратат во мечот, имаа сериозни шанси, но после пет минути светна страшна контра на „коцкестите!“ Едуардо генијално го проигра Олиќ кој го пројде Карсон и зголеми на 0:2.
На „Вембли“ молк и неверица.
До крајот на првиот дел Хрватите предводени од младите Модриќ, Едуардо, Олиќ и Крањчар имаа уште неколку сериозни шанси за гол но на полувреме се отиде со 0:2.
По десет минути игра во вториот дел, во 55’ минута Роберт Ковач го фаулираше Дефо во шеснаесетникот, Англија доби пенал, а Лампард донесе нова надеж (1:2).
Хрватска не попушти и дополнително притискаше. Олиќ имаше три стопостотни шанси да ги потопи Англичаните но Карсон се извади за грешката и бранеше како луд.
Пропуштените шанси на Хрватска домаќинот ги казни во 65’ минута кога Крауч по центаршут на Бекам, израмни на 2-2 за лудница меѓу 80.000 гледачи на „Вембли“.
Но „коцкестите“ како почнаа, така и го завршија мечот. Потврдија дека имаат страшна генерација која не се плаши од никој и од ништо. Напаѓаа отворено, бараа трет гол и го најдоа.
Младен Петриќ прими еден краток пас на левата страна, се намести и распали од 25 метри за еврогол кој ја шокираше Англија и ја однесе Русија на Европско првенство!
„Ова го направивме за Русија!“, викал Олиќ во микс-зоната а Плетикоса додал: „Му ветив на Павлученко дека ќе ги однесеме на Европско!“.
Во Андора Русите некако се намачиле да ја победат Андора. Колодин промашил пенал и победиле едвај 0-1 со голот на Дмитри Сичев во 38’ минута. Мала но слатка победа која значеше пласман на Европско првенство.
Следниот ден Хрватите ја осетиле руската љубов: „Ни праќаа икри, водка, ни дадоа мечки, многу цвеќиња, подароци, награди. Од цела Русија ни ѕвонеа. Од далечниот исток па до Москва сите ни заблагодаруваа“, се сеќава Божо Ковачевиќ кој работел во хрватскиот конзулат во Русија.
Имало предлог и 21 ноември да биде прогласен за Ден на Хрватска во Русија.
Леонид Федун го исполнил ветувањето но хрватските фудбалери благодарно одбиле. Газдата на Спартак раскажал:
„По мечот со Израел беше јасно дека ја изгубивме информациската војна со Англичаните. Тие организираа кампања против нас на која нашите наседнаа и изгубија. Сакав само да им одговорам дека и во мојата стара профеија (армиска служба) има слични постапки“.
Хрватите не ги земале најскапите Мерцедеси од Федун зошто се плашеле од санкции од УЕФА.
11 години подоцна, Хрватите во Русија одат кон еден од најголемите успеси во својата историја (од актуелниот состав, Модриќ, Ракитиќ и Чорлука играле на тој 21 ноември 2007 година на Вембли). Токму Хрватска сега ќе игра против Русија во четвртфиналето на Светското првенство.