Во детството Иглесиас сериозно размислувал за спортска кариера. Како млад сметал дека фудбалот може да му биде добар извор на заработка. Сонувал да стане позната фигура во светот на спортот и дека ќе освојува многу трофеи.
Хулио на 16 години се нашол во академијата на Реал Мадрид, во време кога клубот дури пет пати по ред го освоил Купот на европски шампиони (КЕШ, денес Лига на шампиони).
Идниот светски познат пејач бил голман и тоа многу талентиран. Тренерите му предвидувале богата кариера.Но можно е ние и никогаш не би дознале каков пејач е Хулио Иглесиас ако не се случел еден трагичен настан.
На 22 септември 1963 година Хулио Иглесиас преживеал страшен автмобилски судар кога се враќал од прославата на својот 20-ти роденден и во следните две години лежел во болница. Лекарите зборувале дека е право чудо како останал жив.
Како последица од хаваријата, тој имал скршена десна нога, тешка повреда на 'рбетот и левата страна на лицето. Станало јасно дека после таква повреда враќање на терен е можно само на сон. На Иглесиас му претстоела тешка борба за пак да прооди како некогаш и да застане на нозе.
„Најпрво почуствував страв. По лицата на луѓето кои ме опкружуваа сфаќав дека се прашуваат дали ќе преживеам или не. Подоцна кога разбрав дека ќе живеам, почнав да мислам како ќе живеам понатаму... Ми недостигаше човечка топлина, муабет, па почнав да ги барам и да пишувам песни и да свирам на гитара“.
Интересно, една од сестрите му донела гитара, за тој да може да свири и да работи со рацете.
Во тој страшен период Хулио Иглесиас почнал и да твори музика и текстови за песни. Самиот тој еднаш рекол: „Јас не сум роден пејач, туку станав пејач“.
Така трагичен случај на светот му го подарил еден од најголемите пејачи на сите времиња.
При еден концерт во Мосвка тој инсистирал да му организираат средба со култниот голман Лав Јашин кој му бил идол и поради кој почнал да брани. Подоцна, неговиот син Енрике Иглесијас стана крал на латино музиката и еден од најпознатите светски пејачи кој го надмина и својот татко.