Ќе потегне ли тренерот на Билбао домино ефект

На многу клубови во Ла Лига летово им претстои ремонт во играчкиот, но и во тренерскиот кадар. Главен кандидат за нов тренер на Барселона е Ернесто Валверде од Атлетик кој би можел да направи тотален домино ефект во цела лига.

ЕРНЕСТО ВАЛВЕРДЕ

Летово 53-годишниот шпански специјалист ќе биде можеби најспоменувата фигура во фудбалска Европа. Главен претендент за неговиот потпис е Барселона, а шпанските медиуми веќе пишуваа за преговори меѓу тренерот и Каталонците а каде има дим има и оган.

Членовите на управата на Арсенал се погласно зборуваат дека во случај Арсен Венгер да замине од клубот, Валверде би бил негова идеална замена, а ништо помал интерес за него нема ниту Севиља чијшто предводник Хорхе Сампаоли се колне на верност, но не може да оддолее на понудата од Аргентинскиот фудбалски сојуз.

ЕДУАРДО БЕРИЦО

По пласманот во полуфиналето на Кралскиот Куп од кој го елиминираа Реал Мадрид и по четирите победи над Барселона во две години, Селта Виго со допадлив фудбал стигна до полуфиналето на Лига Европа каде ги чека Манчестер Јунајтед.

Сите овие успеси го прават Едуардо Берицо најбараниот тренер во Ла Лига. За човекот кој има „Бјелсовски“ стил на работа се заинтересирани во Севиља во случај да замине Сампаоли и во Атлетико Мадрид во случај Симеоне да фати пат на Апенините.

КИКЕ СЕТЕН

Кике Сетен сакаше од Лас Палмас да направи шпански Лестер

На стартот од сезоната, многу се восхитуваа на напаѓачката игра на Лас Палмас чијшто тренер Кике Сетен повеќе од 10. кола правеше чуда со „шпанскиот Лестер“. Но брзо го загубија врвот и во клубот од Гран Канарија почна играчка криза.

Во март Сетен објави дека ќе го напушти Лас Палмас после што прва се јавила Валенсија, а Кике го сака и Селта Виго во случај Берицо да замине.

ПАКО ХЕМЕС

Пако Хемес - харизматичниот тренер кој замина во Мексико

Многу напатената Валенсија продолжува да бара кандидат за постојан тренер. Во јануари „Лилјаците“ објавија дека тренер до крај на сезоната ќе им биде Воро, човекот кој секогаш ја спасува Валенсија од испаѓање во последните сезони.

Со него резултатите се стабилизираа, но недоволно за погорно место на табелата. Конкуренција на Воро и Сетен може да им бидат невработениот екс-тренер на Виљареал Марселино и Пако Хемес.

Пред шест месеци поранешниот тренер на Рајо Ваљекано се прослави со изјавата: „Се кладам во своите јајца дека најдобриот меч во сезоната ќе го играме на ’Сантијаго Бернабеу’.

Реал ги прегази со рекордни 10-2, а Хемес замина во Мексико каде уште ги лечи раните.

ФРАН ЕСКРИБА и ВИКТОР САНЧЕЗ

Тренерот на Бетис - Санчез е пред отказ

Тренерски смени може да има не само во Лас Палмас, туку и во Виљареал и Бетис. И двата клуба не се задоволни од работата на Фран Ескриба и Виктор Санчез и спремни се за алтернативни варијанти. Во тој случај домино-ефектот би можел да стигне и до самото дно на Ла Лига кај што нови тренери ќе бараат Спортинг Хихон, Гранада и Осасуна.