Чудни работи се случуваа пред десетина на на истанбулското дерби на колото помеѓу Касимпаша и Бешикташ. Домашен фудбалер уфрли уште една топка на теренот за да спречи опасен напад, а еден навивач нападна гостински фудбалер, по што двајца играчи на Бешикташ беа исклучени заради тепање на навивачот.
На крајот Касимпаша победи со 2:1 за зацврстување на втората позиција, но не ни е јасно дали челниците на клубот се израдуваа на оваа победа, затоа што во нивните срца е противничкиот тим.
Претседателот на клубот, директорот, па дури и главниот спонзор на Касимпаша се страсни навивачи на Бешикташ.
Сигурно се прашувате зошто тие се откажале од Бешикташ и решиле да работат во мал клуб кој постои од 1921-та година, но никогаш нема освоено ништо? Одговорот е Реџеп Таип Ердоган.
Премиерот на Турција е роден и израснал во маалото од каде што е фудбалскиот клуб Касимпаша. Тој самиот како мал бил талентиран фудбалер и го викале Бекенбауер, но неговиот татко кој бил тврдокорен муслиман не му дозволил да стане професионален фудбалер, па тој си нашол работа.
Ердоган навива за Фенербахче, но отсекогаш го сакал и малиот клуб од своето маало. А малиот клуб почна да расте исто како што и се развиваше кариерата на Ердоган.
Кога тој беше избран за премиер на на Турција, стадионот на Касимпаша го доби името Реџеп Таип Ердоган. Тимот во 2005-та година играше во четврта лига и за три години стигна до Супер лигата, прв пат по 1964-та година.
Со негова ургенција минатата година Касимпаша доби силен спонзор, нова управа и тренер. Тие веднаш доведоа и звучни засилувања. На голот е поранешниот член на Манчестер Сити, Андреас Исаксон, а во тимот играат Холанѓаните Рајан Бабел и Рајан Донк, Португалецот Кастро од Порто и Аргентинецот Скарионе.
Резултатите се видливи. Со поддршката од Ердоган (и на судиите како што тврдат навивачите на другите клубови), Касимпаша нема пораз од септември и цели кон втората позиција и пласман во Лигата на шампиони. Ништо чудно и да успеат. Касимпаша ќе растура се додека Ердоган е на власт.