При гостувањето во емисијата „11" на ТВ станицата Медиасет кој е во сопственост на Силвио Берлускони, довчерашниот член на Милан отворено проговори за времето поминато во оваа екипа.
„Да не беше Златан Ибрахимовиќ, јас воопшто немаше да играм затоа што Алегри немаше да ме пушти на терен. Златан ми беше „спонзор" и тој бараше да бидам во составот затоа што сакаше да игра со мене. Преминувањето во Интер ми беше остварување на сон. И во Милан имав убави моменти, но таму не се чувствував толку важно како во Интер", откри Касано.
„Милан пати откако си отидоа Ибрахимовиќ и Тијаго Силва. Мислам дека повеќе им недостига Силва. Секако, Ибра даваше голови, но Тијаго беше столб на екипата и им даваше сигурност на сите на теренот."
„Во кариерата никогаш не сум дал 100% од мојот потенцијал и се надевам дека во Интер ќе успеам во тоа. За мене асистенциите се поважни од головите. Ќе го направам Милито прв стрелец во лигата како што тоа го направив со Ибрахимовиќ."
Во својата кариера Касано има шампионски титули со Милан и Реал Мадрид и има настапено на три Европски првенства, но не и на Светско.
„Сон ми е да играм на Светското првенство во Бразил. За 2006-та ми беше јасно затоа што Липи ми се јави и ми објасни дека не заслужувам повик. Немав проблеми со тоа. Но за Светското првенство во 2010-та знам дека некои репрезентативци го молеле селекторот да не ме повикува во репрезентација."
Контроверзниот напаѓач е познат по својот темперамент и избувливост, но тој и се кае за некои свои постапки.
„Капело е најголем тренер во мојата кариера. Тој има сторено многу за мене, а јас не му возвратив. Не заслужи така да се однесувам со него. Жал ми е и за конфликтот со болниот претседател на Сампдорија, Рикардо Гароне. Тој ме сакаше како син и сега пробуваме да ги воспоставиме добрите односи. Сакам да ја завршам својата кариера во Сампдорија и да живеам во Џенова. Најверојатно по завршувањето на кариерата ќе се здебелам како Роналдо", се пошегува Касано.
Тој го избра и неговиот идеален тим кој е составен од: Касиљас, Серхио Рамос, Тијаго Силва, Јепес, Кандела, Паломбо, Емерсон, Зидан, Кристијано Роналдо, Меси и Роналдо.