Калински: Македонија може да стигне до величествениот фудбалски полигон

„Кога ќе истрчаат да истрчаат со верба и во себе и во соиграчите и во селекторот, да бидат свесни дека можат да испишат историја, дека можат да ни го направат животот поинтересен, поубав, а и сами себе да се издигнат многу повисоко, бидејќи ова се моменти кои ќе ги паметат за цел живот“.

Фудбалските и општо другите спортски натпревари веќе три години се посиромашни без магијата која со својот радиофоничен глас ја правеше во тв преносите, единствениот и незаменливиот Златко Калински.

Како коментатор не дочека историски пласман на едно големо фудбалско натпреварување на Македонија, почнувајќи од генерацијата со Панчев, па се до оваа со Пандев за кој вели дека ја живее својата трета фудбалска младост, но има верба во овие момци и посакува некој од неговите колеги да изговори: Македонија на Европско.

Во овие пет години откако дојде Игор Ангеловски на селекторско место, мислам дека полека се стандардизира селекцијата. Репрезентацијата до 21 година која го оствари историскиот пласман на ЕП направи еден костур во која Пандев е во својата трета фудбалска младост, апсолутен лидер и инспиратор на сите помлади и една генерација во која имаме одлични играчи кои играат во добри и познати клубови и кои играат подолго време заедно.

Имаат ментална сила, добар тренер и хемија. Мислам дека се свесни дека ова се моменти кога можат да влезат во историјата и да испишат нова страница за македонскиот спорт. За една мала земја како Македонија тоа е величествено. Треба да го следиме примерот од последното ЕП, каде имаше дебитанти како Велс кој стигна до полуфинале, а Исланд до четвртфинале.

Овие играчи може да стигнат до тој величествен фудбалски полигон пред се за себе, но и за својата земја да биде еден месец среќна. Да живее во еден фудбалски сон, она што е во моментов надвор од нашата стварност која е оптоварена со други работи во кои гледаме малку индивидуални и екипни вредности.

Само би им порачал на нашите фудбалери. Кога ќе истрчаат да истрчаат со верба и во себе и во соиграчите и во селекторот, да бидат свесни дека можат да испишат историја, дека можат да ни го направат животот поинтересен, поубав, а и сами себе да се издигнат многу повисоко, бидејќи ова се моменти кои ќе ги паметат за цел живот.

 

5 октомври 2020 - 14:15