Какви успеси одбележа Барселона со Жоан Лапорта

По големиот промашај наречен Бартомеу, единствен човек кој успеа сериозно да го турне Меси од клубот до излезна врата, а и да продаде гол машина како Суарез, Барселона конечно доби нов претседател. Судејќи според неговите успеси, навивачите треба да се задоволни од исходот на гласањето.

Жоан Лапорта е старо новиот претседател на Барселона кој на синоќешните избори доби мандат од 5 години. Победи со огромна предност пред ривалите, а тоа во проценти значи 54,28% од гласовите, потоа 29,99% за Виктор Фонт и 8,58% за Антони Фреикса.

Се работи за многу добро познато име затоа што Лапорта е повратник на Камп Ноу кој седеше на престолот од 2003-та до 2010-та. Во тоа време го наследи Енрик Реина, а по него дојде Сандро Росел.

Toj е 58 годишен адвокат и поранешен политичар кој ужива големи симпатии меѓу заедницата во Барселона и за потсетување Барса под негово водство ги освои најголемите историски успеси кои тешко е да се повторат.

Тоа е онаа доминантна и спектакуларна Барселона на која топка не можеше да и се земе и која успеа да стекне статус на една од најсилните екипи во историјата на фудбалот. Една од главните задачи ќе биде да го задржи Меси.

СТАРТОТ НА ЛАПОРТА

Првата сезона (2003/2004) на Лапорта како претседател му беше најтешка, а истовремено со најголем предизвик. Навивачите беа разочарани што клубот не ги исполни стандардите да го постигне успехот на Реал Мадрид во раните 2000-те, а недостасуваа и трофеите од 1999-та.

Со доаѓањето на Лапорта, како и на суперѕвездата Роналдињо кој пристигна после одлуката Бекам да потпише во Реал, а Анри да остане во Арсенал, како и новиот тренер Рајкард, клубот беше принуден да започне нова фаза со нов млад и генерално непроверен управен одбор.

Лапорта исто така реши да се бори против заканата од насилство надвор од Камп Ноу предизвикана од ултрасите Boixos Nois (луди момци) и се соочи со смртни закани. Истрагата на полицијата открила дека планирале да го киднапираат.

За да се влоши ситуацијата, сезоната 2003/2004 почна лошо резултатски па Лапорта постојано мораше да повикува на разбирање и трпеливост и кон него и кон Рајкард.

ПРВИТЕ ТРОФЕИ

Истовремено како претседател мораше да го поттикне својот одбор да работи на нови креативни идеи за да собере приход, а тој нов стил на управување успеа да го сврти богатството на клубот со тоа што тимот се врати во форма.

Стигнаа и првите титули, две по ред во 2004/2005 и 2005/2006, а за време на тој период наследениот огромен финансиски долг почна да се намалува.

Со засилувања како Деко, Ето и Едмилсон, предводени од маестралниот Роналдињо и јадрото на домашни играчи како Пујол, Чави, Иниеста и Валдес, клубот конечно ја освои Лигата на шампиони на 17 мај 2006-та, само втора во историјата, како и Ла Лига истата година.

Барселона имаше долга историја на избегнување спонзори на дресовите. Во 2006-та потпишаа петгодишен договор со УНИЦЕФ, каде клубот донираше 1,5 милиони евра, а на нивните дресови стоеше логото на УНИЦЕФ. Откако Лапорта си замина, клубот потпиша спонзорства на дресовите со Катар фондацијата и Катар ервејс кои тој ги критикуваше.

КАМ БЕКОТ НА ГВАРДИОЛА И ИСПИШУВАЊЕТО НА ИСТОРИЈАТА

Откако го отпушти Франк Рајкард, Лапорта за тренер го назначи неиспитаниот и неискусен Пеп Гвардиола, капитен на Дрим тимот во 90-те. Неговото единствено тренерско искуство беше во Б тимот претходната сезона кој го промовираше од четврта во трета лига.

Иако тимот почна слабо, губејќи од Нумансија и ремизирајќи на вториот мечот, Барселона ја оствари најдобрата сезона во својата историја. Ја освои тројната круна: Ла Лига, Копа дел Реј и ЛШ, а потоа следуваа трофеи во Супер Купот на Шпанија и УЕФА во август, како и триумф во Светското клупско првенство во декември.

Тоа беше нов рекорд од 6 трофеи за време на 2009-та, освоени за 12 месеци, а истовремено и незаборавна година во која Пеп со тики-така играта го маѓепса светот.

8 март 2021 - 13:00