Каков Роналдо, гледајте го Чиро

Најдобриот егзекутор во Серија А е типичен пример како за секој човек има место, само треба да си го најде. А Чиро го најде на стадионот „Олимпико“ каде за некое време би можел да стане прв стрелец на вечната листа.

Доколку има некој кој не следи Серија А и го памти Чиро Имобиле само од Борусија Дортмунд и Севиља, ќе се фрапира од неговите бројки.

Имобиле во Дортмунд отиде на млади години, после 22 гола во една сезона за Торино и како еден од најдобрите бомбардери во Серија А, но за пола година во Германија и подоцна во Шпанија не покажа ама баш ништо.

Се врати дома поразен, како просечен играч кој не е за големи дела. Но во пар сезони во дресот на Лацио како да се роди одново и нема терен каде што не ги малтретирал голманите.

За три години Чиро Имобиле постигна 103 гола и доколку остане на „Олимпико“, на крајот од следната сезона би можел да стане најдобар стрелец во историјата на клубот. Стоперот Ческо Ачерби еднаш изјави дека Имобиле комотно би можел да се бори за „Златната топка“ за најдобар стрелец во цела Европа.

За него е изграден систем во екипата кој тој маестрално го користи. Како за споредба, за 3 години даде 103 гола за Лацио во сите натпреварувања, а во 2 години само 3 гола за Италија.

Друго, постигнува гол на 8 меча по ред и со тоа го урна рекордот на Ален Бокшиќ од 1994/95 кога Хрватот даваше гол на 6 натпревари по ред за Лацио.

Чиро не само што стана најдобар голгетер во Серија А и Лига Европа, туку и два пати го повтори 84-години стариот рекорд кој го држел Џузепе Меаца. Сега напаѓачот на Италија оди по страшната графика на Игуаин од времето на Наполи.

Викендов стана петти најдобар стрелец во историјата на Лацио со 82 постигнати гола (го израмни рекордот на Томазо Роки). Сега ги брка рекордерите Силвио Пиола кој е прв на вечната листа со 143 гола, Бепе Сињори кој постигна 127 гола за „бјанкочелестите“, Кинаља (98) и Бруно Џордано (86).

Како дете од академијата на Јувентус, Чиро го прави тоа што се очекуваше од Роналдо. И сезонава има 3 пати повеќе голови од Роналдо.

ЗОШТО НЕ МУ ОДЕШЕ НИКАДЕ ОСВЕН ВО ДОМАШНАТА СЕРИЈА А?

Чиро во Германија беше сув просек. За неговите очајни настапи ги кривеше ладноста на Германците и поинаквиот стил на игра во Бундеслига. На крај се испостави дека тој е можеби ограничен на само едно првенство.

ПЛУСОВИТЕ НА ИМОБИЛЕ

Шпицот на Лацио има необични фудбалски карактеристики. На одбраната и е тешко да го скроти. Тој можеби е брз, но не до толку да може да исчезне од вид. Не е техничар, ама не е ни дрво - способен е со едно движење да исфрли тројца играчи од игра.

Што се однесува до дуелите и тука има несоодветен однос. Губи 75% од воздушните дуели и 68% од дуелите на земја, но пак е убедливо прв стрелец во една од најсилните лиги на светот.

Неговиот физички талент е владеење со телото. Како мал на теренот бил несмасен и му се смееле поради недефинираната конституција и смешното трчање. Но Чиро не се повлекувал. Најмногу од се работел на координација на движење. Слабото владеење со топка го компензира со неверојатна акробација.

Тој врвно игра во линија со противничката одбрана, од сенка лови офсајд замки и скришно им бега зад грб на стоперите или користи простор во меѓу зоните. Во шега, италијанските твитерџии поради неговиот став на теренот велат дека не за џабе се презива Имобиле (на италијански immobile се преведува неподвижен).

Но парадоксално, иако делува дека „не мрда со прст“ на теренот, Имобиле во просек трча околу 10 километри за натпревар, најмногу од СИТЕ “деветки“ во Серија А. Чиро има 15 гола и 5 асистенции на 13 меча во А сезонава. А пазете го податоков: лани во 36 кола постигна 15 гола. Како тргнал, сезонава може да урне уште некој рекорд.

Неговиот играчки стил е поврзан со неговиот карактер. Пред неколку години новинарот Даниеле Манусија вака го опиша впечатокот од Имобиле после интервју со него:

„Интензивноста, физичката и умствена енергија на Имобиле се чуствува дури и кога седи на столица. Постојано менува поза, прекстува нозе, врти некои предмети од масата, цело време е во движење не седи мирен. Да бркате топка во соба со него, тој прв ќе стигне до неа“.

Тој брзо размислува и често тргнува во права насока со што им бега на чуварите.

Имобиле често ја мести положбата на телото во зависност од позицијата на соиграчите, најблискиот чувар и растојание од голот. После прием на топка секогаш добро ја гради и е свртен кон голот до каде го знае најкраткиот пат.

„Кога соиграч ќе ми даде пас, веќе знам каде да трчам и каде да шутирам, просто тоа го правам максимално брзо. Денес веќе не проаѓа играта да држиш топка и чекаш да видиш што ќе се случи“, вели миленикот на навивачите на Лацио.

ЛАЦИО СОЗДАДЕ СИСТЕМ НА ИГРА САМО ЗА ИМОБИЛЕ, ВО ДРУГИ ЕКИПИ ТОЈ БИ БИЛ ОГРАНИЧЕН

Со цел целата екипа да игра за првиот стрелец, Симоне Инзаги построи нова формација: 3-4-1-1 (најчесто пред голманот Стракоша се Раду, Ачерби и Луис Фелипе. Пред нив голем стојат Лукас Леива, Лулиќ, Луис Алберто, Милинковиќ-Савиќ и Лацари, а зад истурениот Имобиле во нападот е Кореа).

Лацио е разложен на многу линии (стопери, бекови, дефанзивни играчи од среден ред, втор шпиц и класична деветка) и така создава длабочина во нападот. Лацио така играше во ’90-те години и овој систем по многу нешта потсеќа на шампионската екипа на Ериксон.

На некој начин Имобиле е доказ дека секој човек треба да си го најде своето место. Го потценуваа во Дортмунд и Севиља, но затоа во моментов е една од најјаките „деветки“ на светот.

Тој е најдобриот трансфер на Лацио во последните 10 години. Симбол на екипата која од сенка веќе неколку сезони се наоѓа во самиот врв на табелата.