По второто Скудето на Диего Марадона со Наполи во сезоната 1989/1990, Серија А ја освои Сампдорија под водство на Вујадин Бошков.
Каков легендарен лик беше овој човек. Со неговиот хумор создаде фрази кои и ден денеска се раскажуваат во Италија каде важи за популарна фигура.
Налетавме на едно кусо но атрактивно видео со јаки потези на Марадона во кое Бошков зборува за легендата со голема страст, баш онака како постарите во стил чичо ќе ви каже за него.
Плус ова интервју не е од оние на куп откако умре Аргентинецот по кое нели сите сакаа да кажат како бил. Вујадин Бошков почина во 2014-та на 82 години, што значи оваа снимка е стара минимум седум години.
„Не постои играч кој можеме да го споредуваме со Марадона и тоа е вистината. Тој беше талент за фудбалот со природна дарба која ја имаше во неговото тело. Кога имаше 16 години играше како кога имаше 30. Начинот на кој играше и ја контролираше топката со левата нога беше нешто неверојатно.
Марадона беше сакан, беше човек од Неапол и репрезент на фудбалот од Јужна Италија и Наполи. Тој во Наполи никогаш не се однесуваше како егоист. Кога сиромашни луѓе на улица му бараа пари, го молеа да им даде 10.000 лири, а тој им даваше 100.000. Тоа е вистината, таков беше. Беше великодушен и во фудбалот и во животот“.