Приказна за фудбалскиот пат на виртуозот

Како скромниот и малечок Чави стана великан

Бил мал, низок и слабичок па не му предвидувале сјајна кариера. Но тој, упорен каков што бил од дете, запнал да им покаже што знае со топка. Стигнува до првиот тим, освојува Светско и Европско, слави Лига на шампиони и му се заблагодарува на покојниот дедо.

ДЕТСТВОТО И МАЛИОТ РАСТ

Дваесет километри од Барселона. Во реонот на поликлиниката во градот Тераса, осумгодишниот Чави со мајка му одново одел на лекар.

Докторот му напишал рецепт и терапија. Мајката и синот излегле од кабинетот на докторот и бавно оделе по познатиот ходник. Многу пати и двајцата го посетувале локалниот терапевт со жалби на нискиот раст на малиот. Докторот стално им повторувал:

„Кога ќе биде возрасен, максимум да порасне до метро и седумдесет“.

После тоа со уредниот „Сеат“ дедо му ги возел Оскар и Алекс (постарите браќа на Чави) на тренинг а во шест вечер го носел Чави да ги гледа тренинзите на локалниот тим ФК Тераса. По пат стариот го намалувал радиото и зборел со најмалиот внук за Примера:

„Не, ти денес не ли го слушна татко ти? Вика дека против Барса Санчиз од Реал бил најдобар на теренот. Толку многу ме изнервира ќе му ја удрев една!“

На еден семеен ручек дедото му рекол на татко му на Чави: „За Оскар и Алекс не знам, ама најмалиов син ќе ти игра за Блауграна (Барса). Нешто има во него“. Ернандес-постариот одговорил: „Можно е, не викам не“. Малиот Чави после секој вечерен тренинг гледал како играат повозрасните групи и го чекал татко му Хоакин кој работел како директор во таа фудбалска школа, а во свое време бил активен фудбалер во Сабадел.

Скаутот на Барса Ориол Торт три години барал од татко му на Чави: „Пушти го син ти на проба кај нас“, а овој редовно му одговарал: „Слабичок е, остави, а и мал по раст“. На крајот Торт бил толку упорен што го добил своето.

ОД МАЛ ВИРТУОЗ СО ТОПКА

На првиот контролен меч малиот Чави дал три гола и слушнал: „Примен си мали“.

„Знам дедо дека ти мене таму ме слушаш - да знаеш дека внук ти тргна по твоите стапки. Се надевам дека те израдував“, напиша подоцна Чави во автобиографијата.

Една вечер во пролетта ’86-та татко му на Чави брзал дома за на телевизија да гледа пренос од концертот на Queen од барселонската сала „Мини Естади“. А после пет години се симнал на теренот од ова стадионче на презентација на син му кои го промовирале во пионерите на Барса.

Играл во категоријата позната како „Алевин А“ (помлади пионери). Нискиот новајлија играл толку добро што наставникот Хуан Мануел Асенси го назначил за капитен после три тренинзи. На крајот од месецот Чави заработил 4.000 пезоси и го потрошил првиот хонорар на тостер „Philips“ за мајка му. Лебчето таму им загорувало но ниту еден предмет мајка му не така чувала внимателно како тостерот.

Чави порснал во структурата на Барселона и како еден од најпосветените, стигнал до кадетите. Тренерот на оваа група, Жоан Вила рекол дека другите момци треба да гледаат од Чави како се игра, а ваквите пофалби не го направиле горделив малиот лидер со пубертетски мозолчиња на лицето.

Чави многу сакал да вика по соиграчите како што викал Гвардиола чијашто техника Чави ја копирал. Пеп се заинтересирал кој е тој негов „клон“ во академијата па иако првотимец на Барса, дошол на тренинг на децата.

„Стварно изглеа како мој наследник. За четири години малиов ќе ме замени“, сериозно рекол човекот кој подоцна од Чави ќе направи најдобар фудбалер на светот.

НЕСОНИЦА ПРЕД ПАТОТ ЗА МАЈОРКА СО ВАН ГАЛ

Ернандез пола година тренирал со првиот тим на Барселона а во август 1998 година Гвардиола се повредил и Ван Гал го тргнал малиот Чави на страна да му каже: „Задутре ќе играш во прва постава“. Чави одговорил дека е спремен и го напуштил кабинетот на Холанѓанецот.

Кога се свестил од муабетот, телото почнала да му се тресе грчевито. Помислата за деби во првиот тим против Мајрока во Суперкупот била и пријатна и страшна. „Во пресрет на мечот цела ноќ не склопив око и заспав дури во четири сабале. Уште во сон помислував: што ако излезам на терен и не можам да издржам?“, опишува Чави во својата автобиографија.

Следниот ден ноќната мора не само што не се оствари, туку Чави танцуваше по теренот и како најмлад во екипата постигна дебитантски гол против Мајорка. Деби од соништата во кое сите соиграчи го гушнаа:

КОЈ ПИЕ СОК ВО СРЕД НОЌ?

Во Ла Лига 1999/2000 Ван Гал не сакал да го пушта Чави во првиот состав после серија послаби натпревари. Малиот фудбалер тогаш се измотивирал и не сакал да слуша ветувања.

Пред почетокот на сезоната, на подготовките Будевејн Зенден се сетил дека има црн појас по џудо после што на шега го удрил Чави во рамото и му го исчашил зглобот. Скромниот Чави на бесниот Ван Гал му рекол дека се лизнал и паднал во тоалетот и дека сам е крив.

После неколку месеци Шпанецот отворил дома фрижидер, на ногата му паднала стаклена чаша и го расекол палецот на десната нога. Крв му течело многу па морале да викнат Брза помош која ја сошила раната. Утредента Ван Гал не му верувал на повредениот млад бисер: „Стакло викаш, а? Знаеш дека ноќта е за спиење а не за пиење ладни сокови“.

СО КАСИЉАС ДРУГАРИ И ВО ДОБРО И ВО ЛОШО

Селекторот на Шпанија до 17 години Теодоро Нието видел како Чави играл за репрезентацијата на Каталонија на пријателската со Тенерифе и сакал да го види малиот во својата селекција.

На Светското првенство за фудбалери до 17 години во Египет Чави им помогнал на Шпанците да станат трети. Таму во репрезентацијата се запознал со Касиљас. Таткото на Чави подоцна изјавил: „Икер имаше проблеми поради добрите односи со син ми, но тие двајца никогаш не престанаа со дружба и беа неразделни“.

Во едно Ел-Класико од Суперкупот на Шпанија 2011-та Реал и Барселона одиграа жесток меч со многу фаули, црвен картон, инциденти. Ова дерби стана фамозно откако Мурињо со прст му брцна во око на сега покојниот тренер на Барселона Тито Виљанова.

Чави и Касиљас беа дел од метежот но после средбата Икер му се јавил на Ернандез и му кажал дека претерале, му се извинил и се смириле. „Мислам дека Реал е иницијатор на тепачката. Жозе призна дека глупо постапил со Виљанова“, му рекол легендарниот голман.

На младинското Светско првенство 1999-та во Нигерија Чави го дал победничкиот гол против Американците, помогнал против Мали за кој тогаш играл Сејду Кеита а во финалето благодарение на неговите асистенции Шпанија ги совладала Јапонците.

Светската титула ја прославиле во хотелот каде имало гуштери и бубашваби. Во собата на Чави влегол докторот на репрезентацијата Гуилен: „Слушам дека тебе те номинирале за наградата најдобар играч на турнирот. А како и да не те наградат после толку асистенции“.

Но премијата неочекувано му ја дале на Кеита а Платини подоцна отишол кај незадоволната шпанска делегација која била во лобито на хотелот и им се извинувал: „Очигледно е кој е најдобар играч, но наградата за Африканецот е политичко решение. Разбирате зошто нели?“

После пет години на Европското 2004 Чави Ернандез беше во сениорската репрезентација но не одигра ни една минута на теренот. Експертот на шпанската репрезентација Теодоро Нието изјавил: „Како е можно да не го пуштат најдобриот играч од средниот ред во Европа? Чави, продолжи да работиш, твоето ќе дојде“.

На Евро 2008, Ернандез го признаа за најдобар играч, тој стана европски шампион со Шпанија а после четири години повторно го крена златото. Во меѓувреме Шпанците му се радуваа и на Светското 2010, Чави влегол во најдобриот тим на Мундијалот а на барање на Платини, Чави на Мишел му го подарил дресот во кој играл во финалето.

На Европското 2008 Шпанија ја победи Германија со голот на Торес на феноменална асистенција на Чави после што селекторот Луис Арагонес изјави:

„Златната топка за 2009 треба да ја добие Чави а не Меси. Жално е што головите на напаѓачите ги гледаат сите а трудот на играчите од среден ред е во сенка“.

Трофејниот селектор Арагонес почина пред неколку години а на погребот Чави одржал говор во кој признал: „Луис во мене всади самоувереност и тој е позаслужен за мојата кариера од Гвардиола“.

Иако денес важи за голем борец за независна Каталонија, Чави во славјето на титулата на Евро 2008 во еуфорија викнал: „Да живее Шпанија, да живее репрезентацијата на Шпанија!“ после што Каталонците му биле многу лути но тој потврдил дека сакал да игра за Шпанија за да освои Светско и Европско.

АНЕГДОТАТА СО ГАЛИЈАНИ

После младинското Светско во Нигерија 1999 година, на татко му на Чави му се јавил поранешниот стопер на Реал Де Делипе: „Потпретседателот на Милан Адриано Галијани сака да се види со тебе за малиот син да ти заигра во Италија.

Росонерите предложиле 4-годишен договор со зголемување на платата на 6 пати секоја година и стандарден прв тим.

Ернандез во тоа време бил на клупа кај Гвардиола поради слабата форма. На семеен ручек татко му и брат му го советувале да оди во Милан. Дедо му гласал против и бурно удрил со бастунот во ѕидот па го одронил а мајка му рекла: „Ако го напуштиш родниот клуб ќе се разведеме со татко ти и ќе ја напиштам фамилијата.“ Одговорот на Чави бил: „Останувам и точка“.

ГОЛЕМ ФУДБАЛЕР И УШТЕ ПОГОЛЕМ ЧОВЕК

Откако во финалето на ЕП 2012 Шпанија ја згроми Италија со 4:0, Пирло тргнал кон неговиот најомилен играч Чави за да ги заменат дресовите. Италијанецот еднаш раскажал дека во Милан секој ден играл Сони со Алесандро Неста, дека ја бирал Барса, ги ставал Чави и Ето во офанзивата и Неста морал да го крши џојстикот.

Во финалето на Лига на шампиони 2009 Барса го прегази Манчестер Јунајтед (2-0) а Чави беше прогласен за играч на финалето. Две години подоцна Каталонците пак го „раскантаа“ Јунајтед со 3:1 во лондонското финале а Чави му асистираше на Педро за голот. Следниот ден триумфот бил прославен на плоштад во Барселона каде пеела Шакира а на сцената излегле Пике, Чави, Виља, Кркиќ, Педро и Бускетс.

За време на церемонијата „Златна Топка“ 2011 Фергусон изјавил: „Наградата ја заслужи Чави“.

Еднаш додека се возел во кола, Чави слушнал на радио како некое болно дете во емисија кажало дека Чави му е идол и сака да го запознае. На Ернандез не му требало многу и отишол во домот на малиот Микел, му дал дрес со автограм, му ветил дека ќе го носи на тренинг а после неколку недели дал гол против ПСЖ и покажал маичка на која пишувало: „Голот ти го посветувам тебе, Микел“.