’Јорганџиите’ и ’Кралевите’ имааа договор кој низ годините различно се толкуваше: џентлменски договор, непишано правило, пакт за ненапаѓање.
По продажбата на Сантијаго Солари од Атлетико во Реал Мадрид во 2000-та, ниту еден првотимец од двата клуба директно не премина во еден од двата тима.
Во фудбалскиот свет во кој доминираат непристојни понуди и грдни пари, медиумска манипулација, агенти и забрани на трансфери, се чини дека има мал простор за почит кон традицијата. Шефовите и директорите на градските ривали од Мадрид често ручаат или вечераат пред секое дерби и изгледаат како стари добри пријатели. Нешто незамисливо за Рим, Истанбул, Манчестер, Буенос Аирес.
И покрај тоа што за пактот меѓу Реал и Атлетико некои велат дека е мит, фактите на терен не се сложуваат. Кога во 2012 имаше гласини дека Реал ќе тргне по Фалкао, тогашниот тренер Жозе Мурињо објасни дека „има пакт за ненапаѓање и крадење. Мислам дека е забранет ваков трансфер“.
Кога Антоан Гризман бил прашан за потенцијален летен мега-трансфер на „Бернабеу“, тој одговори: „Премин во Реал е невозможен. Верувам дека постои пакт меѓу нас и нив“. И сè беше розово додека Реал Мадрид минатата недела не соопшти дека го потпишале Тео Ернандез од Атлетико Мадрид за 24 милиони евра.
За волја на вистината тинејџерот кој игра како лев бек не можеше да помириса првотимски статус кај Диего Симеоне претходните сезони. 19-годишниот Ернандез никогаш не заигра за Атлетико и покрај тоа што е во клубот од својата 11 година.
Но по неверојатната сезона лани во Алавес, не беше баш сеедно каде ќе продолжи, па неговиот трансфер кај Флорентино Перез стана најголемиот меѓу двата клуба уште од преминот на Уго Санчез на „Сантијаго Бернабеу“ во 1985. И најскап, секако.
ЗОШТО АТЛЕТИКО ГО ПУШТИЛ АКО Е ТОЛКУ ДОБАР?
’Јорганџиите’ имале мал избор затоа што во неговиот договор имало клаузула која што Реал ја активирал и тука Атлетико е немоќен.
„Откако тој повеќе пати одби да потпише нов договор“ - повторуваа од клубот сто пати преку соопштенија, а бекот привлече интерес од Манчестер Сити, Барселона и ПСЖ, па неговиот агент Мануел Гарсија Килон во мај изјави дека неговиот клиент сака да оди само во Реал Мадрид.
Џентлментски договор или не, Атлетико немаше друг избор освен да продава, па дури и на најголемиот ривал кој ферски доплатил 2,5 милиони евра повеќе за ’некакви’ бонуси за што не биле задолжени - гест на добра волја кон комшиите.
Звучи неверојатно, но Ернандез до почетокот на минатата сезона немал професионално деби. На неговата десна рака, на секој од прстите поединечно ги истетовирал бројките 28816 - да го потсеќаат на датумот кога за првпат заиграл во Ла Лига.
28. август 2016 - тогаш првпат заиграл професионално фудбал во ремито меѓу Алаваес и Спортинг Хихон 0-0. Во неговиот втор меч, тој му помогна на Алавес да направи сензација на „Камп Ноу“ 1-2 против Барселона.
Што се однесува до неговите карактеристики, тој е прилично висок за десен бек, снажен во дуел играта и во лизгачките стартови. Поради долгите нозе има голем чекор и одлична брзина. Од него повеќе дриблинзи лани имал само Филипе Луис од Атлетико. По стилот на игра е сличен на Герет Бејл затоа што често оди и во напад иако матичната позиција му е лев бек.
Добра околност за него е што ќе учи од најдобриот лев бек на светот, Марсело а за тоа ќе има повеќе простор откако Фабио Коентрао замина во Спортинг Лисабон на позајмица. Најдобар момент од досегашната кариера му беше неверојатниот слободен удар во финалето на Копа дел Реј против Барселона кога постигна еврогол
Имаше и асистенција за голот на Алавес против Реал Мадрид.
ПРОБЛЕМИ И ЕКЦЕСИ
Неговиот развој не бил без инциденти. Минатиот месец бил обвинет за сексуален напад во Марбеља за што го ослободија од сите обвинувања. Поради потеклото можел да бира дали ќе игра за Шпанија или Франција а тој се реши за првите за кои дебитираше во селекцијата У-18 поради што ги разбесни Французите.
Проблематичен карактер Ернандез има и на теренот: неговата „несредена глава“ го чинеше 14 жолти и два црвени картони на 38 меча минатата сезона што значи дека во 39% од натпреварите кои ги играл влегувал во судискиот бележник. Но талентот кој го поседува е огромен, па незалудно Флорентино Перез се согласил за него да даде 24 милиони евра.
Дали неговиот трансфер ќе биде само изолиран инцидент меѓу Реал и Атлетико Мадрид останува да се види во периодот што следува.