Се играше меч од Купот на Франција. Пред крајот на првото полувреме, Фалкао прими една топка пред шеснаесетникот, се сврти за 180 степени и го постигна вториот гол. За жал, во исто време од левата страна сериозно му влета еден одбранбен играч.
Силен удар во коленото, тешка повреда на лигаментите и Радамел беспомошно неколку минути лежеше на теренот додека не дојдоа носилките, а со рацете ги криеше солзите. Веднаш сфати дека тоа значи пауза од шест месеци и пропуштање на Светското во Бразил, главниот настан во неговиот живот. Радамел тогаш имаше 27 години.
Човекот кој брутално го повреди Фалкао се вика Шонер Ертек кој не бил професионален фудбалер. Екипата Монт д’Ор Азерге која играше во Купот против Монако се натпреварува во четвртата француска лига, а самиот Шонер работел како учител по географија во едно од провинциските училишта.
Следниот ден после мечот со Монако, смартфонот на Ертек нон-стоп ѕвонел со нотификации. Колумбијците онлајн барале одмазда за нивниот лидер и му пишувале на Ертек на Фејсбук: „Ќе дојдам во Франција и ќе те уништам“, „Врагот на Колумбија“, „Ти си последен олош, да пукнеш“ се само дел од стотиците варијации на тема повреда на Фалкао.
Шонер не одговарал затоа што не знаел како ќе реагираат. Ситуацијата ја закомплицирал моментот кога на Твитер се појавил лажен, фејк профил на Ертек кој наводно се потсмевал со Фалкао. Трпението на Колумбијците истекло кога на профилот се појавила фотографија на човек во инвалидска количка со натпис „Радамел се спрема за Светското првенство“.
„Кога би можел да го вратам времето, сигурно би му дозволил на Радамел да постигне гол, отколку да му нанесам така сериозна повреда поради која многу страдаше. Многу сум вознемирен и барам прошка од Радамел. Не му пријдов веднаш после мечот затоа што беше непријатно. На крај кога се решив да му пријдам и да се извинам - тој веќе го напушти стадионот“, рекол тогаш Шонер.
Фалкао го прифатил извинувањето, а 30-годишниот Шонер Ертек скоро ја завршил кариерата и се посветил на работата во школото.
НАЈДОБРИОТ ХИРУРГ
Неколку часа подоцна, во болницата, дијагнозата на Фалкао била потврдена: руптура на предните вкрстени лигаменти. Најмачна повреда што еден спортист може да ја доживее. Шансите да игра на Мундијалот 2014-та не достигнувале ни 30%. Агентот Хорхе Мендеш кој сонувал за уште еден мега трансфер на „Фалконот“ се заангажирал за својот омилен играч и го пратил Радамел во Порто, кај докторот специјалист Хозе Карлос Нороњо, главен мастер по хирургија на колена во светот.
Нороња порано бил фудбалер и игра во полу-професионален клуб на северот од Португалија. На крајот отишол во медицината само затоа што на 24 години ги скинал лигаментите. Откако се усовршил во струката, Нороња работел со Кристијано Роналдо, Дрогба, Робен, Рибери, Фабио Коентрао и Пепе. На Пепе му го спасил коленото пред стартот на Светското 2010 во Јужна Африка и го вратил на теренот за само пет месеци.
Агентот Мендеш се обидел да го повторат чудото.
„Моето срце е скршено, но остана зрно надеж. Бог невозможното го прави возможно и јас верувам“, изјави Фалкао после операцијата. До Светското првенство остана помалку од пет месеци.
Но чудо не се случи и Радамел го пропушти најголемиот светски настан. Без него, Колумбија стигна до четвртфиналето на Мундијалот.
МАЧЕЊЕТО ВО АНГЛИЈА
Во 2012. година, Хозеп Гвардиола го нарече Фалкао најдобриот шпиц на светот и никој не се спореше со него. Но Радамел наскоро стана предмет на жестоки исмејувања. Бескорисната позајмица во Манчестер Јунајтед и Челси, пет гола во англиската Премиер лига, најлош перформанс во својата кариера, лоша физичка подготвеност - така може на кратко да се опишат две залудни минати сезони на Островот каде го избриша имиџот на најубоит светски напаѓач.
Главната причина: Фалкао го форсираше враќањето но не ја пронајде формата плус беше преселен во друга земја. Во Англија не го чекаа многу Колумбиецот конечно да се разбуди.
„Во Манчестер Јунајтед ми беше тешко поради нестабилноста: играв 60 минути, па 45, па 20 минути. Притоа немам примедби на Ван Гал, тој ми помогна да ја разбирам играта, да сфатам како се работи во екипата, да ја развијам способноста за пресинг. Во Челси повторно имав здравствени проблеми. На пример, во почетокот на ноември го повредив колкот, планирав да се вратам на крајот од декември, но пак паузирав поради повреда. Беше многу тажно“, се сеќава Фалкао на страданијата кои ги имал во Англија.
Зад повредите на Фалкао стоела несигурноста: Тој често размислувал за тоа како да избегне нова повреда на коленото, бегал од дуели (како и сите рековалсценти после тешка повреда на лигаменти), и сето тоа имало влијание врз активноста.
„По опоравокот имав страв и движењето ми беше неисправно. Овој тежок период не се надминува брзо, мора да се почека“, признава Фалкао.
ВЕРАТА И БИБЛИЈАТА
Колумбиецот не можел да се ослободи од репресивното сомневање во себе. Како што раскажуваа некои колумбиски новинари, Фалкао го спасила религијата. Во домот на една маса секогаш му стоела Библијата. Фалкао истакнувал еден фрагмент од второто послание на светиот апостол Павле кон Коринтјаните: „Затоа ние не паѓаме со духот; но, ако нашиот надворешен човек тлее, внатрешниот од ден на ден се подновува.„
Фалкао во религијата го внел пастирот Силвано Еспиндола кој во младоста бил фудбалер и ја отворил школата Fair Play при христијанската гимназија каде играл и Радамел кој станал најмладиот дебитант во историјата на колумбискиот фудбал со 13 години. Еспиндола јавно рекол дека Радам станал еден најдобрите напаѓачи во светот благодарение на силната личност која што ја развил благодарение на верата.
Пастор Еспиндола не исчезнал од опкружувањето на Фалкао ниту кога овој се затворил поради тешката повреда. Тој бил првиот со кој Фалкао разменувал искуство. Се слушале по 2-3 пати неделно.
ВРАЌАЊЕТО НА ФАЛКОНОТ
Како резултат на духовната рехабилитација Фалкао ја препородил својата кариера. Отфрлен од Челси, летово се врати во Монако со цврсто уверение дека уште не кажал се што има на теренот. Веќе во првите пред-сезонски пријателски средби Колумбиецот постигна пет гола. „Се врати пријатното чувство за игра, првпат после долго време се чуствувам добро. Во последно време ми недостигаше само време во игра и трајна доверба. Кога се вратив брзо влегов во нормален ритам“, одушевено изјави Радамел Фалкао во август годинава.
„Ниту Манчестер Јунајтед, ниту Челси не го вратија Фалкао во игра - очигледно им фалеше трпение. На Радамел му требаше време да ја мине рехабилитацијата. Сега сум сигурен дека ќе го видиме Фалкао во најдобра форма. Тоа ќе биде поинаков Фалкао од оној кој го гледавме во Премиер лигата“, изјави во септември потпретседателот на Монако, Вадим Василиев.
Во последните три меча за Монако (против ЦСКА Москва, Нанси и Лориен) Фалкао даде пет гола а вкупно 9 сезонава. Колумбиецот првпат после шест месеци даде гол во Лигата на шампионите. Се врати во репрезентацијата на Колумбија, а во последното коло од првенството на Франција постигна убав гол после првиот контакт со топката после 20 секунди.
Договорот со Монако му важи до јуни 2018. година. Фалкао во моментов има 30 години.