Како изгледа фудбалот на Гренланд кој се враќа по три години поради пандемијата?

Немаат терени со природна трева, немаат патишта за да патуваат со кола или автобус, а не се членки ниту на ФИФА и УЕФА. Ама сепак имаат фудбалска традиција стара нецели 70 години. Како тоа и во кои услови?

Сместена во северниот дел на Атлантикот помеѓу Канада и Исланд, Гренланд е автономна земја во рамките на Кралството Данска. 

Со површина од 2.1 милион квадратни километри од кои околу 80% е покриена со мраз, таа е најретко населената територија во светот со 56.000 луѓе.

И во такви услови и со толку малку жители се игра фудбал, а научниците велат дека овој остров кој важи за најголем во светот бил прилично зелен пред повеќе од 2,5 милиони години.

Таму не се игра фудбал 10 месеци во годината како во најголем дел од првенствата, туку една сезона знаете ли колку трае? Една недела, а тоа е така поради условите.

„Имаме 17 градови на 2 милиони км2. Градовите се далеку еден од друг. Немаме патишта или сообраќај, освен со брод или авион. Не само што патувањата се долги и скапи, тие можат да бидат и многу опасни“, објаснува поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Гренланд, Фин Мајнел.

Во 2004-та година тројца фудбалери пловеле низ заливот Диско во северозападниот дел на Гренланд и никогаш не се вратиле дома откако бродот им залутал на ненаселен остров.

Далечината е една работа, а втората e тоа што се работи за арктичка земја каде летото е многу кратко. Снегот се топи во мај и во периодот до септември условите се повторни сурови.

Затоа во зима играат футсал, а во лето кога нема снег фудбал.

КАКО ИЗГЛЕДА ФОРМАТОТ И КАКО УСПЕВААТ ДА ЈА ОДИГРААТ СЕЗОНА ВО ЕДНА НЕДЕЛА?

Прво се играат квалификации кои се одржуваат регионално во месец јули, а потоа најдобрите 8 екипи во август играат завршен турнир.

Форматот е многу прост со две групи од по четири екипи, со полуфинале и финале.

Годинашното издание се одржува во Илулисат, трет по големина град и најпопуларна туристичка дестинација во Грендалд, кој е дом на речиси исто толку кучиња со санки, колку што има и луѓе (4.670).

Од таму се шампионите Нагдлунгуак од последната сезона која се одигра во 2019-та, втор најуспешен клуб. Прв е Б 67 кој има 13 титули.

Турнирот кој се одржа во 10 градови, датира од 1954-та година и до неодамна се играл на терени со чакал. Гренланд не може да поддржи терени со природна трева поради климата и затоа се игра на вештачка трева, а терените се изградени со помош на данската федерација и ФИФА.

ШТО Е СО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА?

Гренланд не е членка на ФИФА и УЕФА, делумно поради инфраструктурни причини, но и затоа што статусите предвидуваат дека членството во овие организации е отворено само за земји признати од Обединетите нации како независни држави.

Тоа изгледа малку неправедно со оглед на тоа што Фарските Острови, исто така дел од Данска, имаат членство во ФИФА од 1988-ма и во УЕФА од 1990-та.

Тоа е затоа што аплицирале за членство пред да стапи во сила правилото. Истото важи и за Гибралтар кој аплицирал кон крајот на 90-те.

МОЖЕ ЛИ ДА ИГРААТ НА МЕЃУНАРОДНО НИВО?

Се имаат натпреварувано во Исланд, каде има турнир кој вклучува несуверени територии на европски нации.

„Не е тајна дека би сакале да бидеме дел од меѓународното фудбалско семејство во ФИФА“, изјави Мајнел.

„Мојот сон е да го видам Гренланд да стане член на ФИФА и УЕФА“, вели поранешниот селектор Текле Гебрелул.

Во мај овва година, беше објавено дека Гренланд го започнал процесот да стане членка на КОНКАКАФ.

Нивната географската локација на два континенти тоа им го овозможува, но без стадион кој е во согласност со меѓународните стандарди, домашните натпревари можеби ќе треба да ги одржуваат на друго место.

Во меѓувреме Гренланд продолжува да игра футсал. Во 2014 година била  донесена одлука ФА на Гренланд да се фокусира на мал фудбал.

„Кога имаме толку долг период во затворен простор, многу е важно да ја одржуваме нашата форма“, рече Мајнел.

Но, тоа ќе биде во втор план оваа недела, бидејќи луѓето се качуваат на карпестите ридови околу стадионот за да го гледаат првиот фудбалски турнир кој паузираше поради пандемијата три години.

16 август 2022 - 14:47