Како Ханси Флик, сјајниот тренер на Баерн, напуштил студии за да игра за Баварците

Во жестока конкуренција, Ханси Флик со убедливо повеќе гласови е избран за најдобар германски тренер на сезоната 2019/2020. А за неговата кариера и живот и после тројната круна со Баерн, не се знае многу.

Од месец ноември кога седна на клупата на Баерн, редовно се појавуваа статии за тоа колку прекрасен човек и многу добар тренер бил Ханси Флик, но ретко кој се осврна на неговата играчка кариера како фудбалер.

****

Ханс-Дитер Флик е роден на 24 февруари 1965 година во градот Хајделберг, на северо-западот од Баден-Виртемберг. Првите фудбалски чекори ги направил во Микенлох каде тренирал и играл пет години (1971-1976).

Од 1976-та до 1981 играл за Некархемонд, а од јули 1981-ва за Зандхаузен. Во Оберлига од сезоната 1982/1983 го носел дресот на Баден Виртемберг каде останал четири сезони и на 69 меча дал 8 гола.

Набрзо Флик сфатил дека фудбалската кариера, особено како резервен играч не трае долго и решил да се запише на универзитетот во Улм каде студирал финансии и банкарска сфера. Интересно, во еден момент Штутгарт му понудил да игра за нивниот втор тим, но тој ги одбил зошто сакал да стане банкар.

НОВО НЕОЧЕКУВАНО ПОГЛАВЈЕ И БЛЕСОК ВО КАРИЕРАТА

По извесно време сè се сменило. Флик со настапите во Зандхаузен го привлекол вниманието на најголемиот германски клуб.

Помошникот на Удо Латек, тренер на Баерн во тоа време, Егон Кордес дошол на мечот Лудвигсбург - Зандхаузен за да го гледа малиот фудбалер од среден ред. После само неколку дена Ханс-Дитер Флик бил повикан во Минхен на средба со Ули Хенес и тогашниот претседател Вили Хофман за да потпише договор.

„Го одбив Штутгарт зошто сакав да стекнам друго образование. Не знаев колку можам да играм фудбал, но искрено отсекогаш сакав да играм за Баерн. Да дојдоа уште порано, вее је го напуштев образованието и ќе го следев срцето“, раскажал Флик кој добил неочекуван повик од саканиот клуб.

После 34 години од првата средба во Минхен, токму Ули Хенес, долгогодишен претседател на Баерн Минхен ќе ја предложи кандидатурата на Флил за главен тренер на екипата.

Интересно, во Зандхаузен, по заминувањето на Флик за Минхен, во средниот ред дошол Маркус Лев, брат на селекторот на Германија Јоаким Лев.

Во првата сезона како играч на Баерн во 1985/1986, Флик освоил двојна круна. Под водство на Удо Латек, гигантот од Минхен ја освоил Бундеслигата и Купот на Германија. Но Флик добивал мала минутажа и одиграл на 8 меча во сите натпреварувања.

Првиот од вкупно 7 гола за Баерн, Ханс Флик го постигнал во втората сезона во клубот 1986/1987. Играл во средниот ред и најчесто влегувал од клупата за резерви.

Првиот гол го дал на домашен меч против тимот Австрија во Купот на европски шампиони, во 1/8 финале. А првиот гол во Бундеслигата го постигнал против Штутгарт чиј тренер во тој момент бил Егон Кордес, човекот кој бил најзаслужен што Флик од Зандхаузен дошол во Баерн. Тој погодок бил единствен и победнички на мечот.

Најважниот момент во кариерата на Флик како играч на Баерн била сезоната кога Баварците влегле во финалето на Куп на европски шампиони. Баерн стигнал до финалето во Виена откако ги победувал ПСВ, Австрија Виена, Андерлехт и Реал Мадрид кој бил фаворит за титулата.

Но во финалето Порто го совладал Баерн со 2:1 откако искористил две кардинални грешки во одбраната на Германците.

После финалето, тренерот Удо Латек изјавил: „Ова е најтежок пораз во мојот живот. Играчите не покажаа ништо од тоа што го знаат. Заминувам зошто не можам веќе да сносам одговорност за нив“.

Во сезоната 1987/1988 на клупата на Баерн седнал Јуп Хајнкес кој претходно се прославил во Борусија Менхенгладбах.

Со новиот тренер Баварците стигнале само до 1/4 финале на германскиот Куп и 1/4 финале на КЕШ, а титулата во Бундес им ја земал Вердер Бремен воден од Ото Рехагел.

Ханси Флик настапил на 26 меча во сите натрпеварувања и постигнал 1 гол (против Бохум во првенството).

Веќе во 1988/1999 Баерн Минхен ја вратил шампионската титула, а во Куп на УЕФА стигнал до полуфинале каде испаднал од Наполи кој таа сезона го освои ова натпреварување. Интересно во Купот на Германија Баварците биле елиминирани во 1/8 финале со убедлив пораз од Штутгарт.

Ханси таа сезона одиграл 41 меч и дал 3 гола.

За тренерот Јуп Хајнкес, Флик еднаш изјавил: „Тој беше најдобриот тренер во мојата професионална кариера. Тој е посебен. Секогаш се дивев на тоа како зборува со играчите. Во животот сретнуваш луѓе кои те инспирираат, е тоа го направи Хајнкес со мене. Секогаш се разбиравме. Одлично е што имавме добар однос, тој беше образован тренер.“

 Во својата последна сезона во Баерн, во 1989/1990 Флик почнале да го следат многу повреди, тој се појавил на 25 меча и откако за последен пат ја прославил титулата, заминал во Келн.

Во Келн Флик на високо ниво одиграл две сезони од 1990 до 1992 (47 меча и 2 гола) а на почетокот на третата сезона (7 настапи и 1 гол), веќе во септември 1992 година го забележал својот последен меч во Бундеслига и на 28 години ја завршил кариерата.

Како играч Флик освоил: 4 титули во Бундеслига, 1 Куп на Германија, 1 Суперкуп на Германија и играл финале на Куп на европски шампиони каде изгубил од Порто.

Треба да се напомене и дека за репрезентацијата на Германија, која била една од најсилните на светот тогаш, Флик не добил ниту еден повик. Дури и тоа што играл за гигантот Баерн Минхен не му гарантирал влез во репрезентацијата.

За младинската репрезентација играл во 1983 (против Шведска У-18 и Бугарија У-18 во квалификациите за Европско првенство).

По крајот на професионалната кариера, Ханси Флик се преселил во малиот град Баментал, отворил таму продавница за спортска опрема и играл за локалната аматерска екипа Викторија Баментал. А од 1996 година станал играч-тренер на клубот.

Во 2000-та Флик уште немал лиценца, но го тренирал Хофенхајм кој бил четвртолигаш.

Во 2001/2002 Флик и Хофенхајм стигнале до трета лига, а веќе во 2003-та Ханси завршил курс на Германскиот спортски универзитет и стекнал тренерска лиценца.

Се друго е историја. Историја на тројна круна со гигантот Баерн Минхен на кого му донесе Лига на шампиони, Бундеслига и Куп на Германија во само една сезона која што ја почна како в.д тренер.

1 септември 2020 - 11:28