Како е правилно Генк или Гент?

Едно време за оние помалку упатените постоеше заврзлама со прашањето дали е правилно Ирак или Иран. На фудбалската мапа постојат клубови со потполно или приближно исто име кои те тераат повеќе да размислиш кога ќе се сретнат меѓу себе.

Осминафиналниот дуел од Лига Европа меѓу белиските комшии Генк и Гент беше кошмар за коментаторите. Колку пати во Евро-куповите се сретнале истоимени екипи или тимови со речиси идентично име? Неколку, стои на сајтот на УЕФА.

ГЕНК - ГЕНТ

Генк и Гент играат во белгиската Јупилер Про Лига. Сезонава двата тима се сретнаа четири пати од кои два пати во Лига Европа каде Генк беше поуспешен и се пласираше во четвртфиналето.

АТЛЕТИКО - АТЛЕТИК

Во Европа еднаш се сретнаа и Атлетико - Атлетик, „јорганџиите“ од Мадрид и Баскијците од Билбао. На 9 мај 2012 година на „Националната Арена“ во Букурешт, во финалето на Лига Европа играа Атлетико - Атлетик и со 3:0 славеше тимот од престолнината (2 гола Фалкао и 1 Диего). Мадридскиот клуб е основан од студенти со басиско потекло и поради тоа боите на дресот на двете екипи се исти, “црвено-бели“.

На 9 мај 2012 година на „Националната Арена“ во Букурешт, во финалето на Лига Европа играа Атлетико - Атлетик и со 3:0 славеше тимот од престолнината (2 гола Фалкао и 1 Диего).

СПАРТА - СПАРТАК

Уште едно дерби на исти имиња е она меѓу Спарта Прага и Спартак Москва кои се судриле 7 пати во Европа. Додека екипата од главниот град на Чешка го носи името од митскиот грчки град, тимот од Москва е наречен во чест на најпознатиот римски гладијатор.

СЕЛТА - СЕЛТИК

Овие два тима од кои шпанскиот сезонава ќе игра дури во четвртфиналето на Лига Европа се сретнале во Куп на УЕФА во 2002-2003 кога Шкотите дотуркаа дури до финалето. И во Виго и во Глазгов овие клубови се крстени во сеќавање на популацијата Келти.

РАПИД - РАПИД

Ај да те видам сега? Во второто коло од Купот на Куповите 1972/73 Австријците од Рапид Виена биле елиминирани од Романците од Рапид Букурешт. Можеме да замислиме каков бил преносот.

Во Холандија постои клуб со име Be Quick, така што евентуален нивен дуел со Рапидовци би бил дерби на колото.

 

СЕНТ МИРЕН - СЕНТ ЕТЈЕН

Големото дерби на „Светците“ се играло во Купот на УЕФА 1980-1981. Францускиот клуб којшто го земал името од првосвештеникот Етјен (Стефан), со 2:0 ги елиминирал Шкотите кои го крстиле клубот по ирскиот свештеник Свети Мирин.

РАНДЕРС - РЕНЏЕРС

Сега преоѓаме на дуелите кои не сме ги виделе во Европа, но кои еден ден би можеле да ги тероризираат коментаторите и експертите. Тргнуваме со Рандерс - Ренџерс.

Данците пет пати играле во Европа во последните неколку децении но никогаш не се сретнале со клуб истоимен како оној од Глазгов. Внимание: И Андора има свој Ренџер. Нивен дуел против Ренџерс во некој Куп би направил фонетичен хаос.

ЛИОН - НИОН

Екипите кои се наоѓаат во градови раздалечени 175 километри еден од друг. Французите се славен и познат клуб во Европа, додека Нион (дома игра спроти зградата и седиштето на УЕФА) никогаш не се квалификувал во едно европското натпреварување. Но, никогаш не вели никогаш...

ПАРИЗ - АРИС

Пари Сен-Жермен уште пред очи ја има трагедијата што ги снајде со Барселона, но којзнае еден ден би можеле да им се паднат екипите од Солун или од Лимасол со слични имиња како нивното.

ШАХТЈОР - ШАХТЕР

Името Шахтјор којшто на укриански значи рудар/рудник/рударство е посложен од сите. Во нашето говорно подрачје постои дебата дали е Шахтјор, Шахтјар или Шахтар, па секој си го вика како му е мило.

Екипата од Доњецк е основана од украински рудари. Рударите пак од Казахстан го имаат клубот Шахтер Караганди кој во сезоната 2013-2014 стигна дури до групната фаза на Лига Европа. Рударите имаа своја екипа и во Белорусија - Шахтјор Солигорск кој никогаш не успеал да се квалификува во групна фаза на некое УЕФА натпреварување.

АПОЕЛ - ХАПОЕЛ

Апоел Никозија е првата екипа во историјата на Кипар која што стигнала до четвртфинале во Лига на шампиони (во 2011/2012 играа против Реал Мадрид а тогаш играше и нашиот Иван Тричковски).

Апоел никогаш досега не се сретнал со некоја истоимена израелска екипа (таму сите се или Хапоел или Макаби). Најпозната екипа со предзнакот Хапоел е онаа од Тел Авив.

БОХЕМИЈАН - БОХЕМИЈАНС

Приметувате, само едно „С“ ги дели екипите Бохемијан ФЦ, најстариот клуб од Даблин (основан 1890) и Бохемијанс 1905 од Прага која што игра во првата чешка лига. Во овој тим играл и легендарниот Антонин Паненка, изумителот на оној пенал со „лобче“.

ХИБЕРНИАН - ХИБЕРНИАНС

Во Истер Роуд, Шкотска, живее легендата за Хиберниан, екипа од Единбург која што во последните години стана фамозна по редовните цитати во романите на шкотскиот писател Ирвин Велш. Доволно е само едно „С“ повеќе во називот и некој километар појужно и да го најдете Хибернианс Футбол Клуб, екипа од Малта со седиште во градчето Паола. Овој малтешки клуб е крстен токму по шкотските соседи.

ВОЛФСБУРГ - ВОЛФСБУРГЕР

Дерби на германското говорно подрачје би можело да биде дуелот меѓу Волфсбург и Волфсбургер од Австрија кој лани учествуваше во квалификациите за Лига Европа. А кој би бил тренер и на двете екипи? Па нормално, Волфганг Волг.