РТС на почеток на овој месец има објавено убава репортажа за младоста на легендарната 11-ка родена во Вуковар на 20 февруари 1969-та.
Зборуваат неговите другари од детството од населбата Борово која ја носел во срцето до крајот на животот, како и поранешни соиграчи.
Неговата фудбалска приказна почнува во ФК Борово на 10 години, каде ги минал сите младински категории за да крај на 17 години да стане дел од првиот тим.
Се запишал во средно машинско, а потоа се префрлил во техничко, отсек кондураџија. Ги прочитал сите книги на Иво Андриќ.
Каков што бил храбар на терен, таков бил и во животот и кога излегувал во град со другарите, не им се плашел на постарите.
„На почеток шутираше со крпена топка и тоа го сакаше од почеток. Во време кога можеби немале пари да му купат вистински фудбал“, се сеќава Саво Продановиќ, соиграч на Михајловиќ од ФК Борово кој го запознал во 1985-та и кој му ја наместил првата девојка во Чехословачка.
„Нема друг фудбалер кој повеќе дал и ги прославил како имиња Борово и Вуковар, од Синиша Михајловиќ, во секој поглед“, вели Продановиќ.
Гол му бил металната ограда пред родната куќа.
„Тоа му беше идеален гол. Стоеше на сред улица и гаѓаше. Тоа го правеше на лимена ограда. Ги иритираше комшиите, ама трпеа“, сведочи Синиша Чучковиќ, негов пријател и соученик од основно и средно.
После секој тренинг останувал да вежба слободни удари, минимум по три серии од по 10 удари, на празен гол, без мрежа. Другите оделе на базен, а Синиша шутирал до бесконечност.
Кога ги имал првите обиди од слободар удар на 16 години од 30-40 метри, го сфаќале несериозно, но потоа почнал да решава натпревари.
„Како дете сакав банани, но немавме пари. Мајка ми купи една и морав да ја поделам со брат ми. Еднаш и реков дека кога ќе се збогатам ќе купам камион со банани и ќе ги изедам сите. Денес одам во ресторани и ги бирам најдобрите јадења, пијам добри вина, но ништо нема да го надмине вкусот на тие банани“, рече Михајловиќ за Газета дело Спорт во 2019-та.