Како Дуделанж направи чудо, влезе во Лига Европа и ќе игра со Милан

Имаат стадионче 30 пати помало од Сан Сиро. Имаат население колку една скопска општина. Тренерот Дино Топмелер е една година помлад од капитенот на екипата.

За фудбалскиот клуб Дуделанж од истоимениот град во Луксембург јавноста се заинтересира пред 6 години кога сензационално го елиминираше австрискиот гигант Ред Бул Салцбург.

Седумнаесет илјади жители има градот во кој прославата на Божиќ оваа година ќе почне порано. Покрај сите важни датуми со црвено во календарот, и 29 ноември ќе биде голем празник. Тогаш фудбалерите на Дуделанж со спакувани куфери ќе тргнат кон Сан Сиро каде ќе ги чека славниот Милан во Лига Европа.

На стадионот кој собира 80.000 гледачи во ноќ која се очекува да биде студена, во петто коло од групната фаза кога веројатно сè ќе биде јасно, Дуделанж ќе се радува на историскиот настап. Заслужено.

***

Тргна Дуделанж во квалификациите за Лига на шампиони од првото коло на средината од јули сред лето. Противник им беше унгарскиот МОЛ Види (познат како Видеотон).

На првиот меч дома Дуделанж оддолеа и одигра 1-1, а на реваншот имаше активни 1-1 до 58’ минута кога Унгарците го скршија тврдиот орев и го пратија шампионот на Луксембург во квалификациите за Лига Европа. 

Во Лига Европа тргнаа против анонимната Дрита од Косово која што по 1-1 на гости, ја совладаа дома 2-1 и се пласираа во следната рунда. Тие денови медиумите уште не пишуваа ништо за Дуделанж, освен вообичаената вест дека полска Легија ќе има лесна задача на патот кон групите во Лига Европа.

Ама така не мислеше и Дуделанж предводен од младиот германски тренер Дино Топмелер. Пред десетина илјади домашни навивачи, тимот од Луксембург ја шокираше Легија среде Варшава и ѝ го нанесе можеби најболниот пораз во клупската историја.

Реваншот во Луксембург беше уште пошокантнен. После само 17 минути игра Дуделанж водеше со 2-0 а Легија до крајот само стигна до 2-2, недоволни за Полјаците а доволни за чудесниот Дуделанж кој отиде во плејофот на Лига Европа.

Во фудбалска Европа како бомба одекна веста дека Дуделанж од полу-аматерската лига на Луксембург ја елинимирал славната Легија Варшава.

Своите натпревари во првенството Дуделанж ги игра на стадиончето „Јос Носбаум“

Тоа не беше крај на чудата. Во плејофот за Лига Европа, на последната скала пред групна фаза Дуделанж и дома (2-0) и на гости (2-3) го победи романскиот Клуж - клуб кој има сериозен буџет во европски рамки и кој бил сигурен во пласман  во Лига Европа. Реваншот во Романија го гледал цел Луксембург на телевизија:

На два меча Дуделанж на Клуж му даде пет гола а прими три и заслужено се пласираше во групната фаза каде на ждрепката ги добија Милан, Олимпијакос и Бетис. Успехот на Дуделанж беше дотолку поголем затоа што стана прв клуб од Луксембург кој играл во групна фаза на Лига Европа. Претходно во сезоната 1995/1996 клубот Авенир играл во Куп на УЕФА но тогаш немаше учество во квалификации.

Натпреварите во домашната лига Дуделанж ги игра на стадиончето „Јос Носбаум“ кое има капацитет од 2.600 места, но не ги задоволува критериумите на УЕФА па еврокуповите ги игра на националниот стадион „Јоси Бартел“ каде што настапува репрезентацијата на Луксембург.

Таму ќе гостуваат Милан, Олимпијакос и Бетис во Лига Европа.

Стадионот Јоси Бартел каде игра репрезентацијата на Луксембург

****

Во 1991 година како резултат на финансиската криза во тамошниот фудбал, три помали клубови - Алијанс Дуделанж, Стад Дуделанж и УС Дуделанж си подале рака и решиле да основаат еден единствен клуб под името Ф91 Дуделанж. Бројките во името ја симболизираат годината на формирање.

Од тогаш до денес овој клуб освоил 14 шампионски титули во домашното првенство и се втори по бројот на освоени пехари зад Жеунес Еш кој има 28 титули.

Последните три шампионски трофеи ги освоиле благодарение на Давид Турпел, центарфор висок 188 сантиметри којшто минатата година постигнал 30 гола! Пред три сезони дал 26 гола а во 2017-та 24 погодоци.

Во формацијата на тренерот Топмилер овој шпиц игра осамен во нападот. На клупата имаат и еден Ибрахимовиќ. Не е Златан, туку Санел, напаѓач роден ’87-ма кој постигнал повеќе од 150 голови во кариерата.

Лево „бомбардерот“ Турпел, десно Санел Ибрахимовиќ

ДИНО КАКО КЛАУС ТОПМЕЛЕР

Презимето Топмелер веќе е познато во Европа затоа што татко на Дино е легендарниот Клаус Топмелер кој стигна на чекор од „Триплета“ во Германија и Лигата на шампионите.

Клаус го водеше најдобриот Баер Леверкузен во историјата, оној со Балак, Нојвил, Пласенте, Баштурк и другите кои стигнаа до финалето на Лига на шампиони каде потклекнаа пред Реал на Зидан.

Во Бундеслигата тогаш Баер Леверкузен ја изгуби титулата во претпоследното коло а остана и без трофеј во финалето на германскиот Куп. Тогаш го добија прекарот Баер Неверкузен.

Дино Топмелер, синот на легендарниот тренер Клаус го води Дуделанж

Сега Европа ја воодушевува синот на Клаус, Дино кој има 37 години и е помлад од голманот на Дуделанж, капитенот Жубер кој многу личи на легендарното „старче“ Марко Балота. Во тимот на Дуделанж се уште и Том Шнел кој надвор од Луксембург имал кратка екскурзија во германската втора лига на времето.

Во одбраната покрај Шнел се уште и Џери Премпех од Гана кој трчал по терените на нисколигашите во Франција, Чешка и Швајцарија, како и Милан Бишевац, стоперот кој на времето играше и за ПСЖ, Ленс, Црвена звезда.

Од стандардните во средниот ред кои ќе им се спротивстават на Милан, Олимпијакос и Бетис се: Клеман Коутурие, везен фудбалер кој цел живот играл во Франција и во јули летово дошол во Луксембург, Јани Какоко (Африканец роден во Ридлинген, Германија), Стелвио од Португалија, домашниот фудбалер Синани кој даде два прекрасни гола против Клуж во плејофот како и десетката Доминик Штолц кој е мотор на екипата.

Бајката на Дуделанж е толку убава што фудбалерите дури и се подзаборавиле во сонувањето па после првите три кола во домашната лига имаат два порази и една победа со два натпревари помалку од сите останати екипи.

И нека сонуваат момците, заслужија. Едно е сигурно. Дуделанж нема да биде канта за билдање на гол-разликата во Лига Европа.