Јувентус немаше големи проблеми за да ги освои последните две титули во Италија, но оваа сезона испадна уште во групната фаза на Лигата на шампиони.
Според поранешниот тренер на Јувентус, проблемот на италијанските тимови е слабиот квалитет на лигата.
„Јувентус е добар во Италија, но е слаб надвор. Тие немаат конкуренција во Серија А. Само погледнете ги екипите. Минатото лето Рома, Фиорентина и Наполи ги продадоа најдобрите играчи во странство. Јоветиќ, Кавани и Ламела си заминаа, а Јувентус се засили. Јувентус потфрли во Лигата на шампиони, но фактот што финалето на Лига Европа се игра во Торино треба да биде дополнителна мотивација за нив во ова натпреварување", изјави Капело за Gazzetta dello Sport.
Селекторот на Русија ги коментираше шансите на Милан против Атлетико Мадрид во Лигата на шампиони, како и тимот на Интер.
„Атлетико е фаворит против Милан. Ги гледав против Барселона и имаат добар тим. Сè уште не можам да го оценам Сидорф. Тој само што стартуваше, но пристигна во Милан во клучен период од сезоната.
„Промената на сопственикот на Интер имаше влијание и на теренот. Овој чин ќе има комплицирани последици. Хернанес е добар играч и тимот треба да се гради околу него", дополни Капело.