Најголемиот кандидат за „Златната топка" кој денеска се очекува да ја подигне по втор пат во својата кариера е човекот за кој Реал Мадрид плати 94 милиони евра, а рацете ги триеше Манчестер Јунајтед.
Клубот од „Олд Трафорд" во 2003 година на Спортинг му плати 17,5 милиони за да го донесе во своите редови, па со неговата продажба по шест години освен тоа што заработи милиони од дресови, го оствари најголемиот ќар од тој играч со чисти 76,5 милиони евра.
Вториот клуб кој може да се пофали со трансфер политиката плати евтино продај скапо е Тотенхем кога минатото лето Герет Бејл за кој инаку во 2006 година на Саутемптон му плати 14,7 милиони, го продаде за рекордни 100 милиони евра. Заработката од него им изнесува 76,3 милиони евра.
Во третиот случај касата ја наполни Јувентус, а тоа се случи со трансферот на Зинедин Зидан кој „Старата дама" го купи од Бордо за само 3,5 милиони евра, а го продаде на „Сантјаго Бернабеу" за 21 пат повеќе. Чистата заработувачката им е 70 милиони евра.
Од четвртиот играч како голем заработувач се јавува Барселона, а се работи за Луис Фиго кој на Спортинг му го плати 2,5 милиони, а потоа го измолзе големиот ривал од Мадрид на кој му го продаде 24 пати повеќе.
Во листата на пет фудбалери од кои се направени највисоките заработувачки, како плаќач секаде се јавува Кралскиот тим кој го купи Кака од Милан за 65 милиони евра, а тој претходно го засили тимот од „Сан Сиро“ за 8,25 милиони.
Играчот за кој се потрошени најмногу пари е Златан Ибрахимовиќ и тоа вкупно 173,9 милиони евра. Интер за него потроши 24,8 милиони и го донесе од Јувентус, а потоа и го препродаде на Барселона за 69,5 милиони евра. Останатите големи клубови кои трошеа пари за него се Милан и ПСЖ.