Јаневски не сака математика, туку победа

На само два дена пред големиот фудбалски спектакл на арената „Филип Втори" за кој има неверојатни 172 барања за акредитации за новинари, фоторепортери и сниматели, селекторот на националниот тим Чедомир Јаневски и капитенот Горан Пандев најавуваат голема битка пред својата публика.

Македонската фудбалска репрезентација се соочува со најголемиот предизвик во квалификациската група за Мундијалот во Бразил затоа што на мегдан ни доаѓа Белгија, која можеби е најсилниот состав во нашата група и најголем фаворит за освојувањето на првото место.

Самодовербата во тимот е голема со оглед на одличната серија од три победи во низа на нашите репрезентативци кои славеа на пријателските средби против Словенија и Данска, како и на квалификацискиот меч против Србија.

„Селекцијата на Белгија нема пласман на големите натпреварувања уште од Европското првенство во 2000 година, така што на овој двомеч ќе влезат мотивирани и ќе се обидат да остварат 6 бода. За нивниот квалитет не треба да се зборува затоа што тие имаат одлични 20 играчи во тимот. Составот со кој ќе истрчаме во петок го знам, но нема да го откријам. Најважно од се е што по првите три тренинзи забележав голема мотивација кај моите играчи“, рече селекторот Јаневски.

Позитивната атмосфера и силината на противникот ги потенцираше и капитенот Горан Пандев кој во Скопје допатува многу мотивиран со оглед на постигнатиот погодок за Наполи кој му недостигаше веќе подолг период.

„Белгиската репрезентација има одличен состав со млади фудбалери кои се одлично потковани, но ние не треба да се плашиме и ќе ја играме нашата игра. Самодовербата по трите последователни победи е голема и мислам дека имаме сили да ја изненадиме Белгија“, рече Пандев.

Селекторот Чедомир Јаневски рече дека математиката ја мразел уште од школските денови, така што не сака ниту сега да дава прогнози колку бодови може македонската репрезентација да извлече од овие два тешки меча. Тој побара 12 играч на натпреварот да биде верната публика на која се надева дека ќе и возврати со позитивен резултат.

Големиот интерес за мечот се потврдува со фактот што само од кај нас до ФФМ пристигнале барања за акредитации од 70 медиуми за вкупна бројка на новинари, сниматели и фоторепортери од 142, а огромен интерес за средбата покажале и белгијските новинари кои ќе бидат вкупно 30.