Пријателството меѓу Јане Велковски и Пол Погба продолжува во голем стил. На фан страната на асот на Манчестер Јунајтед е објавено видео со нив двајца кои си разменуваат пораки.
Јане му се заблагодарува на Погба за дресот и му вели дека посакува еден ден да игра фудбал како него, а поздравот го завршува со препознатливиот начин на кој Погба ги прославува головите.
Французинот му враќа дека нема потреба од фала:
„Јане како си? Се надевам добро. Немај гајле за дресот. Јас треба да ти се заблагодарувам што ми даваш позитивна енергија, а не ти мене. Сакам да те поканам во Манчестер да гледаш еден фудбалски натпревар. Се гледаме наскоро, чувај се“.
За само 2 часа видеото има преку 4.000 лајкови, како и многу коментари и шерови.
Ветување на асот на Манчестер Јунајтед ќе се исполни. Јане Велковски на 13 март следната година ќе биде присутен на Олд Трафорд на осминафиналниот меч од ЛШ против Севиља.
„Јане е возбуден што ќе гледа во живо натпревар на Манчестер Јунајтед и тоа во Англија, каде стадионите секогаш се полни до последно место и атмосферата е неверојатна. Пресреќен е што ќе го запознае Погба. Постојано го носи дресот кој го доби од него. Пред да одиме во Манчестер, прво имаме нова интервенција во клиниката во Париз, каде треба да му бидат продолжени имплантите кои пред две години му беа вградени во рбетниот столб. Од Париз ќе одиме во Манчестер“, вели Деница Велковска, мајка на 9-годишниот Јане за порталот sdk.mk