Зборуваме за првата наша интернационална ФИФА судијка, која стана дел од елитната група на топ 20 судии во Европа. Македонка која ги разбива сите стеротипи во фудбалот.
Минатото лето доби големо признание од УЕФА, да биде дел од Европското првенство за жени кое се одигра во Англија од 6 до 31 јули.
Во 2019-та делеше правда во финалето на Европското првенство до 19 години, а најдраг натпревар и е четвртфиналето од Лига на шампиони за жени меѓу Волфсбург и Арсенал, пред 13.000 гледачи. Прв меч во повисока категорија и прв со ВАР.
„Тренирам според програма која ја добивам секоја недела од мојот фитнес тренер и плус од УЕФА. Се тренира еднаш до два пати дневно. Саатница нема, тренингот може да трае од еден до три часа. За нас нема лето, зимо или дожд. Кондиција одржувам и на Водно и возам точак до Матка и Катланово. Тоа ми се секојдневни рутини. Летно време пливање, суп даска, кајак“, вели Пројковска за репортер.мк.
Раскажува и за минатиот Мундијал и вели дека Катар поставил многу високи стандарди за организација, нешто што го очекувала, бидејќи година и пол живеела таму.
Добила работен ангажман за Катарската фудбалска федерација, од каде и дале и ВИП карти со кои следела повеќе натпревари и се дружела со многу ѕвезди.
„Во Македонија нема шанси да се живее од судење. Тука не сме професионалци, не сме на платен список, сè е тоа хонорар. Особено ако се повредиш и не судиш. Не си пријавен и нема како да заработиш и да покриеш медицински трошоци“.