Италија vs Шведска 13% - 87%

Кој очекуваше дека нашиот противник од квалификациската група Г со кој одигравме два машки натпревари и на гости му извадивме 1:1, ќе се најде во ситуација да му виси учеството на СП. Зборуваме за 4 кратен светски првак за кој цела земја е загрижена да не се случи најлошото.

СТАТИСТИКАТА Е ВО КОРИСТ НА ШВЕЃАНИТЕ
Предноста на Шведска од 1:0 е огромен товар за селекцијата на Италија која вечерва на Сан Сиро ќе се бори со статистика која целосно му оди во прилог на противникот.
 
Од 1998-ма година одиграни се вкупно 23 европски плејоф средби за пласман на едно Светско првенство.
 
Од тие 23 натпревари на 16 имало победник. Од тие 16 кои триумфирале на првиот дуел, 14 се пласирале на Светски првенства. Тоа се 87%.
 
Единствените две селекции кои се избориле за пресврт вреден виза за Светско се Словенија во 2010-та откако загуби 2:1 од Русија и Франција во 2014-та која се врати по негатива од 2:0 со Украина.
 
Тоа значи дека Италија вечерва ќе се бори да стане третата земја во последниве 20 години која после пораз на првиот плејоф меч, ќе успее да избори пласман на Светско првенство.

СОМНИТЕЛНИ ОДЛУКИ НА ВЕНТУРА
Она што е евидентно кај овој состав на Аѕурите е слабата игра и недостикот на хемија во тимот кој е инаку полн со одлични индивидуалци кои играат во силни екипи. Во однос на првата средба, селекторот Вентура најавува три измени.
 
Во среден ред отпаѓаат суспендираниот Марко Верати и Даниеле Де Роси кој не е во топ форма, а на нивно место ќе влетаат Алесандро Флоренци и Жоргињо. Изненадување претставува Бразилецот со италијански пасош, кој има само 2 настапи и вкупно 24 минути во националниот тим и тоа не кај овој селектор.
 
Уште поголемо изненадување се измените на Вентура во нападот. На најдобриот стрелец во Серија А, Чиро Имобиле кој игра во врвна форма за Лацио и има постигнато 14 гола на 11 меча, овој пат нема да му прави друштво во Белоти, туку Габијадини.
 
Тоа воопшто нема да му се допадне на Лоренцо Инсиње кој е незапирлив во дресот на Наполи, па несфатливо е како Вентура на „мечот на животот“, како што го нарекуваат Италијанците, се потпира на напаѓач кој во квалификациите одигра вкупно 36 минути.
 
Патем ова за него ќе биде втор репрезентативен настап како првотимец. Првиот го одигра против Малта во 2015-та, кога селектор беше Конте. Уште еден факт за одбележување е тоа што дуото Имобиле - Габијадини последен пат го воделе нападот на Италија пред 4 години и тоа во тимот У-21.

ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ
Какви и измени да направи, Вентура и неговите избраници вечерва ќе бидат пред страшен притисок, бидејќи ќе треба да бркаат 2:0 и да внимаат да не примат гол.
 
Доколку Италија вечерва не успее во мисијата, ќе прекина серија од 14 последователни учества на Мундијалите. Оваа земја која живее за фудбалот последен пат ја немало на светскиот собир во 1958-ма, токму во Шведска.
 
Италијанските медиуми се немилосрдни и го најавуваат мечот како „рај или пекол“, Фабио Капело даде изјава дека доколку не успеат, тоа ќе биде трагедија, а најжесток беше првиот човек на федерацијата, Карло Тавекио, кој рече:
„Ако Италија не се пласира на СП 2018 во Русија, тоа може да се претвори во апокалипса, пред се од економскиот аспект“.
Разни милионски суми како загуба се споменуваат дека ќе загубат спонзорите и сопствениците на нивните тв права, што е за очекување, бидејќи зборуваме за репрезентација која е бренд во глобални рамки и која тежи 495 милиони евра, наспроти Шведска која тежи пет пати помалку.
13 ноември 2017 - 12:24