Хулен Лопетеги ќе остане запаметен во Мадрид како еден од најнеуспешните тренери со најкус стаж на Бернабеу. Загуби убедливо од Севиља, попи петарда од Барса и се посрамоти против екипи од рангот на ЦСКА Москва, Алавес и Леванте.
Актуелниот европски првак едноставно со него изгледаше како раштиман оркестар кој појма немаше која музика да ја свири.
Што ти значи да смениш тренер во сред сезона. Доаѓа Сантијаго Солари и за само четири кола испишува историја. Тренер кој исто како Зидан дојде со искуство од Б тимот на Реал Мадрид.
Кралскиот клуб славеше 0:4 во Куп против третолигашот Мелила на гости, потоа 2:0 во првенство против Реал Ваљадолид, 0:5 со Викторија Плзен на гости во ЛШ и во неделата 2:4 со Селта Виго.
Какви и да се противниците, победа си е победа. Се брои.
Статистиката покажува дека Солари стартувал со 4 од 4, 15 дадени и 2 примени гола или гол разлика +13, нешто што не му успеало на ниту еден друг тренер во 116 годишната историја на Реал Мадрид.
Има уште четворица тренери кои откако го преземале кормилото на Реал победиле на првите четири средби, но никој со таква убедлива гол разлика.
1934 година: Пако Бру со гол разлика +7
1953 година: Енрике Фернандез со +9
1979 година: Вујадин Бошков со +5
2004 година: Хозе Антонио Камачо со +6
2009 година: Мануел Пелегрини со +12
Се разбира дека ова е само статистика која не носи трофеи, но таа носи самодоверба и кај играчите и кај новиот тренер, а сее страв кај противниците.
Сезоната за Реал Мадрид не е завршена, туку напротив ако продолжат со оваа серија допрва ќе биде интересно во Ла Лига, бидејќи од нивната шеста до лидерската позиција на Барса има само 4 бодови. Следно коло на 24 ноември му гостуваат на Еибар.