Со Велс, Северна Ирска и Исланд, фудбалската репрезентација на Албанија е едно од најголемите изненадувања на квалификациите за ЕП 2016 во Франција. Со бакљи и огномети во Тирана, Приштина, Косово и Скопје, Албанците од регионов во неделата ја прославија победата против Ерменија (0-3) која значеше виза за Европското во Франција.
Албанскиот амбасадор во Косово, Џемал Минџози ги частел пијалаци сите присутни во барот Filikaqa (Свирка), а прославата се одвивала во сите места од Приштина до Тирана. Селекторот Џани Де Бјази го оствари невозможното, затоа што во група со Португалија, Данска и Србија, Албанија беше прогласена за аутсајдер.
„Кога зборев дека Албанија може да се пласира, ми се смееа", изјави селекторот Џани Де Бјази, кој во Италија водеше неколку второлигашки екипи, а најголем успех оствари со Бреша.
Албанија никогаш не била ниту близу до пласман на некој голем турнир. Последните квалификации за Мундијалот во Бразил ги завршија како петопласирани од шест селекции. Сепак Албанија уште тогаш покажа некои знаци дека репрезентацијата заслужува почит. Ја победија Норвешка на гости, Словенија и Кипар дома и оптимизмот порасна со ждрепката за ЕП 2016.
Покрај капитенот Лорик Цана кој во моментов е играч на францускиот Нант, а играше уште и за Лацио, Марсеј и Сандерленд, Албанија има неколку помлади фудбалери. Берат Џимшити кој го постигна вториот гол против Ерменија има 22 години и игра за Цирих. Ергис Каче е еден од најдобрите играчи на солунски Паок, а токму тој го постигна голот со кој Албанија ја победи Франција 0-1 во пријателска средба годинава.
Албанија во моментов е 32. селекција на ранг листата на ФИФА, а до пред шест години беа на 90. место. Во меѓувреме со голема надеж ќе го исчекуваат влечењето на групите за Европското на 15-ти декември во Париз.
Инаку, македонската фудбалска репрезентација ќе игра против Албанија во следниот квалификациски циклус за пласман на СП 2018 во Русија.
Еве како Албанците славеа во Тирана, Брисел, Приштина, Скопје: