
Во термините кога се играат пријателски средби, УЕФА пред неколку години донесе одлука тие натпревари да бидат за бодови, за алтернативен пласман на Европско првенство и за ранг листа. И така новиот натпреварувачки турнир донесе интересни средби но и чудни резултати.
Пример во актуелново издание Унгарија ја згроми Англија на гости 0-4, ја победи и Германија на гости 0-1 и сега со Италија ќе решава за пласман на Фајнал Фор каде веќе е Хрватска која ги урна Данска и Франција.
Но сензација на векот е победата на Фарски Острови од 2-1 над Турција во последното коло од Ц дивизија во Лига на нации.
Фудбалерите на оваа мала скандинавска земја која има нешто повеќе од 48.000 жители славеше со головите на Вилјормур Давидсен во 51’ минута и Јоан Едмундсон во 59’ минута. Утешен гол за Турците даде Сердар Ѓурлер пред крајот од мечот.
Пазете го ова:
- Турција има 1.726 пати повеќе жители од Фарски Острови (48.865 наспроти 84.340.000) и е 526 пати поголема површински (1.393 км2 наспроти 783.562 км2).
- Фудбалската репрезентација на Фарски Острови има серија од 4 меча без пораз што е најдолга серија откако имаат репрезентација.
- Турција има дури 145 градови со повеќе жители отколку што имаат целите Фарски Острови.
За волја на вистината, Турција на крајот од турниров завршува прва во групата, се враќа во Б дивизија од каде испадна претходно зошто сега заврши на прво место (уште да не завршеше прва во конкуренција со Литванија, Луксембург и Фарски Острови).
Во квалификациите за Светско првенство Турците се сопнаа на послендиот чекор а на Европското првенство беа последни во група со што ги разочараа своите навивачи.
За тоа време Фарски Острови напредуваат ептен брзо. Во нивната земја речиси сите терени се со вештачка трева поради суровите временски услови на северот од Европа, а имаат клубови кои се уште се организирани како аматерски и одат полека кон професионализам.
Пред неколку години, поточно во 2014-та и 2015-та година Фарски Острови на два пати ја победија Грција (2-1 и 0-1) со што на Грците им го нанесоа најголемиот фудбалски и општо спортски срам во историјата.