Мишиќ играше сам
По излегувањето од бековската линија, Милан лесно со три додавања доаѓаше до шеснаесетникот на Динамо, кој доста брзо ја губеше битката во среден ред.
Одличните Тонали и Бенасер без проблеми го претрчуваа Јосип Мишиќ, кој неуспешно се обидуваше да ги закрпи огромните дупки во средината на теренот. Ако на Тонали и Бенасер им се придружеше и Де Кетелаере, Мишиќ немаше никакви шанси.
Најконстантниот играч на Динамо играше сам во среден ред. Тој и Адеми требаше да бидат блок пред последната линија на која требаше да се приклучува и Иванушец, но со Адеми ги немаше никаде. А не им е прв пат.
Лука Иванушец не е ни сенка на играчот каков што беше пред операцијата. Тој веќе не е толку доминантен еден на еден и премалку се приклучува во напад, но колку толку покрива по нешто назад.
Адеми тешко го поднесува ритамот на натпревари
Но најголемиот проблем на Динамо сезонава е Аријан Адеми. Живата легенда на клубот и омилена фигура во соблекувалната и клупските ходници е целосно надвор од форма.
Капитенот на Динамо некако играше на почетокот на сезоната, но како таа одминува и драстично се зголемува ритамот на натпреварите, Адеми го загуби чекорот и на многу важни натпревари оваа сезона беше играч помалку.
На почетокот на сезоната беше одличен. Даде гол и асистираше против Шкупи на Максимир, погоди и во Македонија, израмни на 1:1 на дербито против Хајдук (4:1), но потоа следуваше пад.
Роберт Љубичиќ беше доведен како играч кој ќе го одмора Адеми, но мораше да го закрпи левото крило бидејќи Чачиќ нема доверба во ниту еден од двајцата други леви бекови што ги има.
Единствениот преостанат играч кој може да игра на негово место е Марко Булат, но и тој штотуку се врати од тешка повреда, па Адеми оваа сезона мораше да ги игра сите натпревари.
Истрошен од бројните повреди во последните неколку сезони, Адеми веќе не може да го држи тој ритам. Тоа се виде на двата натпревари против Салцбург, на дербито со Хајдук на Пољуд и на Максимир против Милан.
Ова не е добро ниту за Динамо, ниту за него
Чачиќ нема кого да стави место него. Ќе мора да измисли затоа што овој Адеми не е добар ниту за Динамо, ниту за самиот себе. На играч со повеќе од 350 натпревари за Динамо не треба навивачи да му коментираат дека моментално е играч помалку. Проблемот е што никој во клубот нема сила да му каже, а никој не му прави услуга со тоа што постојано игра.
Динамо не е единствениот клуб кој има проблем со капитен кој е целосно надвор од форма. Серхио Бускетс не е во форма веќе две сезони, па ниту величина како Чави не може да му каже дека мора да се пресели на клупа. Тоа не е воопшто лесна одлука, но некој ќе мора да ја донесе.
Адеми во Динамо одамна има многу поголема улога од формален капитен на терен. Тој е лидер на тимот на терен и надвор од него. Шеф е на „блиското раководство“ на тимот, го има главниот збор во сите преговори на тимот со управата, а го консултираат и за важни одлучи како на пример договорите на играчите.
Порака до соиграчите
Адеми со години е војник на клубот и величина која прерасна во еден од најголемите играчи во историјата на Динамо. Тоа не може да го промени ништо, па ниту една лоша полусезона или сезона. Следува пауза за Светско во која ќе има можност да се одмори.
Но ако ништо не се промени кога сезоната повторно ќе започне, некој ќе мора да пресече и да најде решение да го одмори или да го префрли на клупа.
Најдобро би било сам да го направи тоа. Тој знае дека не е на нивото што се очекува од него, а со преселбата на клупа би испратил и порака во тимот дека никој не е недопирлив.