Бразилецот, во последно време беше попознат по дружбата со нарко-картелите по дискотеките во Бразил, отколку по головите и добрите партии на теренот.
Од поранешна ѕвезда на Интер, со кој за пет години освои вкупно 8 трофеи од 2004. до 2009. година, Адријано неодамна имаше понуда од италијанскиот четвртолигаш Терачина во Серија Д, но ја одби. По два месеци преговори и натегање за договор со францускиот Ле Авр, Адријано на својот Твитер профил објави дека е пресреќен што ќе продолжи со фудбалот и тоа во Франција.
„Среќен Божиќ на моите нови навивачи од Ле Авр. Пресреќен сум што заедно со вас ќе влезам во нов спортски предизвик“, напишал Адријано на француски јазик.
Бразилецот во претходните седум месеци немаше клуб и не играше активно фудбал откако го напушти Атлетико Параненсе. Адријано веќе од јануари ќе игра за Ле Авр, кој е 11-ти во француската втора лига. Ле Авр од неодамна има нов сопственик, Кристоф Маилол, кој сака клубот да конкурира за влез во првата лига. Поради смена на управата, Адриано чекаше цели два месеци на разврска со Французите.
Договорот официјално го потврди и Мауро Буске, агентот на здебелениот напаѓач.
„Сè е договорено и прецизирано до најситниот детал. Адриано веќе потпиша 6-месечен договор со Ле Авр. Во Нормандија ќе слета меѓу 28-ми декември и 2-ри јануари за да почне со подготовките за новата сезона“, изјави агентот Буске.
Досега во кариерата, Адријано (32) играше за Фламенго, Интер, Фиорентина, Парма, Сао Пауло, Фламенго, Рома, Коринтијанс и Атлетико Параненсе. За Бразил одигра 48 натпревари и постигна 27 голови во периодот од 2000. до 2010. година.