Стефано Пиоли е наследниот на Франк Де Бур и деветти тренер на Интер од 2010-та па наваму на кој една од најважните работи ќе му биде капитенот Мауро Икарди да е жив и здрав, да не се повредува и да продолжи со ова темпо.
На последниот меч против Кротоне тој постигна нови два гола и стигна до 10 по само 12 поминати кола во италијанскиот шампионат или скоро секој меч гол. Стигна до бројка од 57 во својата четврта сезона на Меаца, исто колку што постигна Ибрахимовиќ.
На Икарди формата постојано расте. Во 2014/2015 му требаа 18 меча за да стигне до двоцифрен број на голови, во 2015/2016 дури 21, а сега само 12 кола. Интер е 9-ти на табела со вкупно 16 дадени голови од кои 10 се негови.
Тоа што е импресивно за младиот аргентински напаѓач е што на само 23 години успеа да ги нанишани головите на дури 22 екипи во Серија А. Најмногу му лежи Јувентус на кој му има дадено 7 гола, а потоа следуваат Пескара и Емполи.
Но има еден проблем. Икарди му нема дадено гол на ривалот на кој ниту еден навивач на Интер не е индиферентен кога ќе му го чуе името. Него го нема на табелава, а коинциденцијата е следна. Следно коло на 20 ноември се игра градското миланско дерби.