Бегалецот Асмир Беговиќ
Голманот кој се смета за еден од најдобрите во Премиер лигата занаетот го учел од татко му. За време на војната во 1992 година членот на Стоук од БиХ избегал во Германија, а потоа во Канада. Неговиот татко бранел за екипата на Требиње во втората југословенска лига, а потоа му бил личен тренер на Асмир се до неговото заминување во Англија. Тој често го споменува времето кое го поминал со својот татко од кој вели дека ја научил основата за да стане голман. Беговиќ е голем фан на хокеј, кошарка и бејзбол, а неговата сопруга Никол која се натпреварува во трки со коњи неодамна доби босански пасош и се надева дека ќе ја претставува БиХ на Олимписките игри во Рио 2016.
Го одбил европскиот шампион
Откако добиваше мала минутажа во Херта Берлин, Салиховиќ во 2006 година реши да се пресели во Хофенхајм, тим кој тогаш беше дел од третата германска лига. Потоа стана лојален член на оваа екипа за која има 230 настапи и стигна до Бундеслигата. 29 годишниот босански репрезентативец кој се смета за еден од најдобрите изведувачи на слободни удари, тврди дека ја одбил понудата од Баерн Минхен затоа што не сакал да го напушти малото германско село Sinsheim каде се уште живее далеку од своите клупски колеги.
Критикуваниот Босанес со швајцарски дрес
Во ноември 2012 година селекцијата на Бих ги започна квалификациите за пласман во Бразил. 20 годишниот Изет Хајровиќ дебитираше во дресот на родната Швајцарија на мечот против Тунис. Кога селекторот Отмар Хицфилд го пофали тој стана омразен лик во својата земја, но откако го тргна од тимот, Хајровиќ по една година се предомисли и го облече дресот на БиХ. Критиките за тоа што претходно ја одбра Швајцарија стигнаа и од Един Џеко, но откако постигна гол против Словачка за победа од 2:1 во најважниот квалификациски меч, сите кавги беа заборавени.
Единствениот освојувач на Европа
Харис Медуњанин кој пред да заигра во Газијантеп беше член на АЗ Алкмар, Реал Ваљадолид и Макави Тел Авив е единствениот босански интернационалец кој има освоено трофеј на интернационално ниво. Тој беше член на младинската холандска репрезентација со која го освои Европското првенство во Португалија 2006. Титулата ја прослави заедно со играчи како Хунтелар и Емануелсон.
Непотизмот на Сушиќ
Членот на Хајдук, Тино Свен Сушиќ дебитираше за репрезентацијата на БиХ во март оваа година. Селекторот Сафет Сушиќ го стави на списокот на Мундијалот во Бразил, но тоа покрена многу реакции затоа што се работи за негов внук. Сушиќ не одговори на прашањето зошто повикува играч на толку важно натпреварување кој игра во просечна лига каква што е хрватската. На негова позиција играат Миралем Пјаниќ од Рома и Ѕвјездан Мисимовиќ кој настапува во Кина.
Асистентот фолкер
Во 1999 година Елвир Баљиќ беше големо изненадување во летниот период за трансфери откако тогашниот тренер на Реал Мадрид, Џон Тошак го донесе на „Сантијаго Бернабеу“ од Фенербахче за сума од 20 милиони евра. Поради серија на повреди тој не стана првотимец на „Кралскиот тим“, а по пет години како активен играч во Турција, тој сними албум со народна музика. Баљиќ одби да сними спот и да го промовира албумот затоа што тоа тоа го правел само од љубов спрема музиката, а пред само неколку недели сними нова песна.
Скромниот Пјаниќ
Малиот Принц, прекар кој го доби од своите фанови е еден од ретките фудбалери кои успева приватниот живот во Италија да го сокрие во тајност. Фудбалерот од средниот ред на Рома во февруари минатата година ја изненади јавноста кога се пофали дека со неговата девојка од Франција имаат пет месечно бебе, кое инаку го крстиле Един.