Фудбалерите на Вардар се обратија со соопштение во кое бараат газдата Слободан Крстевски да си замине и да му го препушти клубот на некој што знае да го води.
Се жалат на работи кои се просто неверојатни за 12 кратен првак на Македонија и спортски бренд број 1 државата, но и за било кој прволигаш.
Комити собираат пари за да им платат терен, ручаат кај пријатели кои држат кафани и сами собираат пари за автобуски превоз на гостувања, перење на опрема и сите други основни работи за функционирање на еден клуб.
Скопската гордост со 75 годишна традиција, 12 првенствени титули, освојувач на Куп и првенство во Југославија, како и прв македонски клуб кој стигна до групна фаза во Лига Европа, да биде оставен на просјачки стап е беда за македонскиот фудбал и спорт воопшто.
„Соочувајќи се со веројатно најтешките моменти во историјата на клубот, ние играчите на ФК Вардар сакаме да ја известиме и да и ги доближиме на јавноста сите моменти кои ги преживуваме периодов, истовремено константно замајувани и залажувани со разни ветувања од кои ниту едно не е исполнето и покрај нашето професионално залагање на теренот каде со вонсериски напори достојно го презентираме името на најголемиот спортски бренд во Македонија.
Сакаме да известиме дека ние играчите, стручниот штаб, спортскиот директор Александар Бајевски, персоналот на клубот и навивачката група Комити сме буквално оставени самите на себе да ја биеме битката за враќање на Вардар во Првата лига. Од основни работи како закуп на стадион за натпревари кој ги покрива навивачката група, ручек пред натпревари кои ги обезбедуваме благодарение на пријатели сопстевеници на ресторани, самостојно собирање сопствени средства за закуп на автобуси за гостувања, перење на опремата, преку пријатели обезбедување опрема за тренинг и води за нормално функционирање и одржување на истиот.
Со лични заложби на еден играч е обезбеден и теренот за тренинг во населбата Кадино. Хируршката интервенција капитенот Дарко Мицевски ја плати од сопствени средства, додека голем дел од играчите немаат земено плата дури и по 10-12 месеци со што се донесени речиси на работ на егзистенцијата.
Ние играчите на ФК Вардар бараме сопственикот на клубот Слободан Крстевски доколку не е способен да го води клубот и навреме да ги исполнува договорените обврски, да го напушти и да го препушти раководењето на друг. Тажно е што мораме на овој начин да реагираме и да ја известиме јавноста со што се соочуваме додека истовремено ја водиме можеби и најважната битка во историјата на клубот.
Со надеж и верба дека ќе проработи разумот и веднаш ќе се најде решение со кое несметано би продолжиле достојно и успешно да го презентираме Вардар, бренд кој тежи 12 шампионски титули и единствен учесник од државата во групната фаза на европските натпреварувања“, стои во соопштението на играчите.