Играчите кренаа раце од Пипо Инзаги

Удинезе шест кола немаше победа, за вчера да го совлада Милан 2-1 и со тоа да им отвори нови проблеми на Росонерите. Берлускони решен да му даде отказ на Инзаги, но Галијани побарал уште една шанса за младиот тренер.

Како во текот на целата сезона, така и вчера Милан се мачеше со Удинезе. Веднаш по судиската свирка за крај, тренерот Инзаги во соблекувалните вербално ги нападнал фудбалерите дека се неспособни, а тие му вратиле дека тој не е дораснат да го води Милан, пренесува Кориере дело Спорт.
„Удинезе играше како да игра финале на Лига на шампиони, иако ние се бориме за место во Европа. Да можев ќе направев десет измени. Кога екипата игра вака очајно, прв виновник е тренерот. Треба достојно да ја завршиме сезоната“, изјави Инзаги за Скај спортс веднаш после поразот во Удине.
Тензијата во составот се обидел да ја смири потпретседателот Адриано Галијани, кој ја пратил екипата во карантин во спортскиот центар Миланело. Во меѓувреме, Газета дело спорт пренесе дека Силвио Берлускони спремал отказ за Инзаги, но Галијани побарал уште една шанса за некогашната деветка на Милан.
 
Не е прв пат во Милан играчите да му завртат грб на тренерот. Во слична ситуација беше и Кларенс Сидорф, кој мораше да си замине откако ја загуби битката со сопствените играчи.