Жељко Бувач, помошникот на Јирген Клоп во Борусија Дортмунд, кој минатата недела беше назначен за селектор на фудбалската репрезентација на Република Српска, посакува во својата селекција да го види и Златан Ибрахимовиќ.
Швеѓанецот со татко Босанец и мајка Хрватка, ќе се најде на списокот на репрезентацијата на Република Српска за пријателскиот натпревар против Србија.
„Златан ќе биде во нашите планови ако нема обврски во Шведска. На почетокот ќе направам прошитен список со сите имиња кои се од нашите простори, а изградиле кариера во странство. Наш план е во репрезентацијата на Република Српска да играат големи ѕвезди, афирмирани играчи и таленти кои треба да се докажуваат", изјави Бувач кој освен Ибрахимовиќ, планира да го повика и Марко Марин од Севиља.
Република Српска ќе одигра пријателски натпревар против Србија во Бања Лука, а терминот се уште не е одреден.