На Самитот на светски спортски лидери одржан на „Стемфорд Бриџ“, покрај улогата на бизнисот во спортот се зборуваше и за потезите кои се влечат во светската фудбалска унија.
„Тие (ФИФА) ги потценуваат играчите. Ги третираат како робови и гајле им е што првенството ќе се игра на 50 степени Целзиусови во Катар. Не е нормален тој што донел таква одлука и нешто мора да се смени“, бесно одговара Шварцер.
42-годишниот голман е трет избор во Челси а од репрезентативниот дрес се прости пред една година.
„Еднаш играв квалификации во Доха, во јуни 2009-та година и тоа се случува само еднаш во животот. На двајца или тројца фудбалери им се слоши од жештина. Многу е опасно да се игра таму во летниот период“, изјави Марк Шварцер.
Откако го прашале да ги опише условите за игра таму, Шварцер рекол дека пред 5 години се чувствувал како да е во печка.
„Тешко е да се концентрираш. Влажноста на воздухот е голема, тешко се дише. Времето те исцрпува физички и психички, така што многу луѓе од Доха во тој период ги напуштаат домовите и одат во други средини“, голманот отворено се противи на одлуката за СП2022 во Катар.
Шварцер со прст покажа кон медицинскиот комитет на ФИФА и вели дека тие се највиновни што се прават дека ништо не знаат, а свесни се колку во Катар нема услови за игра.
„Не знам ни дали имало дебата за кандидатурата на Катар. Многу сум разочаран од раководните луѓе во ФИФА затоа што буквално никого не фермаат. Срамота е тоа што го прават, особено претседателот Блатер кој нема слух за барањата на фудбалерите“, констатирал Шварцер.
Катар ја доби кандидатурата за организација на СП 2022-та, а одлуката беше донесена во декември 2010-та година, по што многу фудбалери се чудеа како ќе се игра на 50 степени.