Поранешниот холандски репрезентативец и член на Челси, Џими Флојд Хазелбанк е следната жртва која наседна во рацете на седмата сила. Новинарите на угледниот Телеграф објавија видео докази за коруптивна зделка во која овој пат се впушта актуелниот тренер на КПР.
Сем Алардајс се излакоми за 400.000 фунти, а Хазелбанк за многу помалку од него. Новинарите кои му се претставиле како фудбалски агенти се договориле со него да работи за компанија од Сингапур која би правела нелегални трансфери во Англија.
Кога го прашале тренерот на КПР дали тоа би го правел за 35.000 фунти, тој им одговорил:
„Видете, обидете се да ме направите среќни и дојдете со убава понуда“
Потоа ја качиле сумата на 55.000 и тука пронашле заеднички јазик, а побарале од него и неколку пати да патува во непознатата односно измислената компанија во Сингапур.
„Вие го споменавте зборот бизнис. Тоа е се, бизнис си е бизнис и зависи што ќе понудите. На крајот на денот тоа мора да биде вредно за да оди на тој начин“, рекол Хазелбанк.
КПР не го суспендираше својот тренер со образложение дека имаат доверба во него, но најавија дека ќе биде подложен на интерна истрага за случајот.
Хазелбанк реагираше за скандалот и негираше дека е виновен.
„Реагирав преку мојот адвокат во целост на обвинувањата кои беа изнесени против мене од страна на Телеграф. Ми понудија надомест за да одржам говор во Сингапур. Не гледам ништо необично за некој да ме плати за такво нешто и не дадов ветување за возврат. Не побарав ниту КПР да купи некој од играчите кои ги понудија агентите“.
Корупцискиот скандал со поранешната ѕвезда на Челси е дел од тајните истраги на новинарите на Телеграф кои ја откриваа корупцијата на фудбалот. Селекторот на Англија тоа го плати со оставка по само еден меч, а отпуштен беше и тренерот на Барнсли Томи Рајт кој прифати 5.000 фунти за ист тип на зделка.
Весникот тврди дека има докази за уште 8 тренери кои примиле мито за трансфери на играчи. Ги очекуваме.