Кантона (49) упати остри критики до француската влада за која вели дека потпаѓа под притисокот од крајната десница, пишува Ле Паризиен. Поранешниот центарфор и еден од најдобрите стрелци на Јунајтед го критикуваше и западот поради тоа што не пружа поддршка за бегалците кои бегаат од војна.
„Креираме војни од економски причини и луѓето потоа мораат да ги напуштаат своите земји затоа што ние (Западот) сме направиле хаос, а сега не сме способни ниту да ги примиме“, истакна Кантона.
На прашањето на шесте читатели на Ле Паризиен кои се вклучиле во дебатата, дали би вдомил бегалци во својот дом, тој одговори „Секако, сигурно би вдомил. И добро би било ако сите 65 милиони Французи ги прифатат бегалците“.
По завршувањето на професионалната фудбалска кариера, Кантона сериозно влезе во актерските води и веќе има неколку познати улоги во играни филмови, а дебито го направи со Кејт Бланшет во филмот Елизабет снимен 1998. година. Во моментов снима за Анри Бернштајн во театарот Хеберто во Париз.
„Гласав за Оланд во 2012-та, но во 2017-та не би гласал“, додаде Кантона.
На крајот тој ја обвини француската влада дека под притисок и страв од крајната десница се плаши да прими повеќе од 24.000 бегалци, иако дури 55% од населението се изјаснило како спремно за прифаќање на бегалците.
Кантона претходно изјави дека неговиот дедо бил имигрант кој го изградил својот живот во Марсеј, откако избегал од Шпанија за време на режимот на диктаторот Франциско Франко.